Се прогнозираат меѓу пет и десет милиони заразени од Ковид-19 во светот


 Главниот медицински консултант на австралиската Влада, Брендон Марфи предвидува меѓу пет и десет милиони случаи на заразени од Ковид-19 во светски размери, пишува весникот „Сабах“.

Според него, тоа ќе се случи поради недоволното известување за недостигот од тестови во некои земји за заразната респираторна болест.

Бројот на заразени случаи од новиот коронавирус веќе надмина еден милион лица, но Марфи смета дека вистинскиот обем на глобалната епидемија може да биде до десет пати поголем.

Тој нагласи дека поради тоа смртноста варира толку многу во целиот свет, додавајќи дека голем број инфицирани остануваат неоткриени.

Без да критикува некоја држава, Марфи истакна дека не верува на ниедни податоци надвор од Австралија.

– Искрено кажувам дека единствените бројки, во кои имам целосна доверба, се австралиските, изјави Марфи.

Светската здравствена организација (СЗО) ги повика земјите значително да ги зголемат тестирањата за коронавирусот, а некои критичари ги потенцираа разликите во тоа како некои држави ги пријавуваат случаите на Ковид-19.

Австралија досега има пријавено речиси 5.300 заразени лица и 28 смртни случаи.