Се преврте автобус со работници во Битола – петмина повредени
Автобус полн со работници од фабриката „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона Жабени кај Битола, се преврте утрово во 6 часот и 30 минути.
Во автобусот биле работници од третата смена кои требало да бидат пренесени во Битола.
Утрово околу 6.30 часот на излезот од индустриската зона „Жабени“ се превртел автобус кој превезувал работници во фабриката „Кромберг и Шуберт“-Битола. Повредени се пет лица, сите полесно. Тие се амбулантски третирани и не се хоспитализирани.
-Сообраќајната незгода веднаш беше пријавена во СВР-Битола и наши полициски службеници извршија увид. Во автобусот се превезувале лица вработени во фабриката и се движеле кон Битола. Во сообраќајната незгода повредени се возачот и четири патници. Сите се вон животна опасност, изјави за МИА Сања Стаматова, портпаролна СВР-Битола.
Од ЈЗУ Клиничка болница-Битола соопштија дека пет повредени лица се амбулантски третирани, тие се со полесни повреди и не се хоспитализирани.