Се повлекуваат три закони за јавна администрација – ќе се прават нови за департизација на администрацијата


Законите за административни службеници, Законот за ваботени во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници се повлечени од собраниска процедура и ставени се на ЕНЕР за секој да може да предложи измени, најави министерот за јавна администрација, Горан Минчев на денешната прес-конференција.

Тој рече дека ќе се изработат нови закони за јавната администрација, а трите законите од претходната Влада се повлечени. Основна цел е со законите да се добие професионална јавна администрација, а не партиска како што беше досега.

– Повлечени се Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници. Од утре почнуваме со јавни дебати со сите засегнати страни со цел да донесеме квалитетни закони. Што ќе бидат измените ќе знаеме откако ќе ги слушнеме сите страни и ќе подготвиме закони кои нема да бидат како овие предложени со европско знаме, кои предвидуваа партизирана администрација – рече Минчев.

Промените кои ќе бидат предложени за јавните дебати се следните:

За предлог-законот за вработените во јавниот сектор: подобрување на ефикасноста и ефективноста во управувањето со човечките ресурси, дорегулирање на постапката за вработување, ревизија на опфатот на законотпоедноставување на постапката за донесување на актите за внатрешна организација и актите за систематизација на работните места, воведување на унапреден концепт за донесување годишен план за вработување и дорегулирање на постапката за мобилност.

За предлог-законот за административни службеници: дорегулирање на унапредувањето ан моделот на вработување и управување со учинокот втемелени врз компетенции, поедноставување и доуредување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, нов систем на пресметка на плати, дополнително мотивирање на вработените и унапредување на работатат и стручните капацитети на админитрацијата

За предлог-законот за стручно усовршување и обука на административните службеници: системски организиран процес во неформалното образование за чие спроведување ќе се формира Агенција за стручно усовршување, обука на административните службеницви кои во развиените земји, членки на ЕУ, одамна се смета за капитална инвестиција во човечките ресурси и примена на принципите на единствен административен простор ткн. ЕАП во националната администрација согласно Уставот и законите.

Целиот процес ќе се спроведува заедно со Центарот за управување со промени и поддршка од Британската амбасада.

Минчев кажа дека ќе стартува и кампања под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација”. Колку ќе чини кампањата не знаеше да каже бидејќи Министерството уште нема свој буџет, но тврди дека нема да биде скапа.