Се повеќе Германци не можат да врзат крај, позајмуваат пари за да ги покријат секојдневните трошоци

Според истражување спроведено на барање на британската банка „Барклис“, многу Германци позајмуваат пари за да ги покријат секојдневните трошоци, пренесе ДПА.
Повеќе од половина од возрасните на возраст под 50 години позајмиле пари во последните две години.
Повеќето се обратиле до членовите на семејството (44 отсто), а некои зеле заем од банки (40 проценти).
Покрај трошоците поврзани со автомобили (27 отсто), учесниците во истражувањето рекле дека позајмиле пари и за секојдневни потреби како храна (26, отсто) и општа потрошувачка, вклучувајќи ги и трошоците за облека (21,4 проценти). Околу 18 отсто позајмиле пари „за да се почестат“.
Помладите возрасни почесто позајмуваат пари. Над 60 отсто од испитаниците на возраст од 18 до 29 години рекле дека зеле заеми, а над една третина од нив навеле дека парите биле за основни трошоци. Во групата од 30 до 39 години, 31,6 отсто од испитаниците рекле дека главната причина за земање заем е покривањето на секојдневните трошоци.
Речиси половина од оние што зеле заеми, позајмиле помалку од илјада евра. Една четвртина од испитаниците велат дека позајмиле суми од над илјада евра до 5.000 евра.
Генерално, речиси секој трет (31,9 отсто) очекува дека ќе треба да позајми пари во следните две години.
Во истражувањето учествувале над 10 илјади возрасни лица од цела Германија. Тоа било спроведено во јули и август.