Се подготвува регистар на сите недвижнини


Фото: Б. Грданоски

На едно место секој заинтересиран инвеститор и купувач на недвижен имот ќе добие точна информација за недвижниот имот расположлив за продажба. Тоа ќе го овозможи новиот регистар на преземени недвижности наменети за продажба, што се очекува да профункционира до крај на годинава во рамки на системот „е-Кат“ на Агенцијата за катастар на недвижности.

Формирањето на овој регистар е поврзано со Регистарот на цени и закупнини и Графичкиот регистар за улици и куќни броеви, како дел од геодетско катастарскиот информациски систем. Податоците за недвижностите од регистарот на преземени недвижности наменети за продажба ќе бидат предмет на обработка во Регистарот на цени и закупнини. Почетното воспоставување на регистарот би значело доставување на податоците со кои располагаат банките, штедилниците, Управата за јавни приходи, Агенцијата за управување со одземен имот и други финансиски субјекти.

Работна група ги подготвува подзаконските акти и се очекува следниот месец да биде готов потребниот Правилник за начинот на водење, формата и содржината на Регистарот на преземени недвижности наменети за продажба. Тој ќе содржи просторни и описни податоци за недвижности преземени во постапка при наплата на побарувања или по други основи, наменети за продажба, како и податоци за субјектот кој ги преземал недвижностите (Агенција за управување со одземен имот, Управата за јавни приходи, банки и др.), велат од Агенцијата за катастар на недвижности.

Според годишната програма за работа на Катастарот, во делот на воспоставување модели за масовна проценка на недвижности е предвидено да се изработи и прелиминарен модел за вреднување на станови кој ќе биде тестиран во една урбана општина. До крајот на годинава се очекува да се добијат првите вредности на становите во одредена општена. Податоците од Регистарот на цени и закупнини Катастарот ќе ги издава на овластените проценители и на други заинтересирани лица, со соодветен надомест. За да се реализира тоа потребна е надградба на системот „е-Кат“ во делот на Регистарот на цени и закупнини, статистика за анализа на пазарот на недвижности, зонирање и моделирање.

Во првиот квартал годинава на територијата на државава се регистрирани вкупно 4.345 продажби, од кои 3.506 на стари недвижности, 687 се продажби на новоградби, односно прва продажба на недвижноста, 147 се откупи од државата, а имало и пет продажби на недвижности по пат на лицитација. Доколку се разгледа продажбата на недвижностите по типови на продажба, може да се забележи дека најголемиот број продажби отпаѓаат на продажба на земјоделското земјиште, односно 35 проценти. Споредено со четвртиот квартал лани, во првиот квартал од годинава има зголемување на продажба на земјоделското земјиште за два отсто.

Ако во последниот квартал лани становите опфаќале 36 проценти од вкупниот број продажби, во првите три месеци од годинава нивното учество во пазарот на недвижности е намалено за два отсто и опфаќаат 24 проценти.

Најмногу продадени станови има во општина Аеродром, односно во овој период се продадени 268 станови, додека пак најголем број продадени куќи – 28 има на територијата на општина Велес. Центар е општината со најголем број продажби на деловни простори, односно 36, Чешиново Облешево преднични во продажба на земјоделско земјиште со 108 такви продажби, а Прилеп со 48 продажби на градежно земјиште.