Се подготвува ново пуштање нафта од резервите


Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) се консултира со владите во Азија и Европа за пуштање повеќе нафта од резервите доколку е потребно, изјави извршниот директор Фатих Бирол, предупредувајќи дека обемот на енергетската криза е потценет.

Сегашната енергетска криза е потешка од претходните нафтени шокови, предупреди извршниот директор на ИЕА, а владите ширум светот сè уште не сфатиле колку е навистина длабока.

Зборувајќи на конференција со прес-здружението во Канбера, Бирол ја нарече кризата на Блискиот Исток „многу тешка“, нагласувајќи дека ги надминува нафтените шокови од 1970-тите, но и влијанието на војната меѓу Русија и Украина врз пазарот на гас.

Според него, конфликтот со Иран „исфрли“ дури 11 милиони барели нафта дневно од глобалниот пазар – повеќе од двата претходни нафтени шокови заедно.

Земјите-членки на ИЕА веќе на 11 март одлучија да ослободат рекордни 400 милиони барели нафта од резервите, што одговара на околу една петтина од вкупните резерви, на пазарот со цел да се ублажи наглиот пораст на цените на нафтата на светските пазари.

ИЕА разговара со владите за ослободување на повеќе нафта од резервите, истакна шефот на агенцијата, нагласувајќи дека не постои однапред одредена цена што автоматски би го активирала овој механизам.

„Секако, ќе го сториме ова доколку е потребно. Ќе ја следиме ситуацијата, ќе ги анализираме пазарите и ќе се консултираме со земјите-членки“, додаде Бирол.

Сепак, тој предупреди на ограниченото влијание на таков потег.

„Ослободувањето на резервите ќе ги смири пазарите, но нема да го реши проблемот, само ќе ги ублажи тешкотиите во економијата“, нагласи шефот на ИЕА.

„Клучното решение за проблемот лежи во отворањето на Ормутскиот теснец“, повтори Бирол, додавајќи дека токму поради потценувањето на обемот на кризата решил јавно да излезе три недели по почетокот на војната.