Се истражува милениумскиот културен континуитет во пет македонски манастири


 Со најсовремена опрема се скенира и се истражува тлото во и околу пет познати манастирски комплекси во Македонија за да се утврди милениумскиот континуитет на културното наследство. Се истражуваат манастирите: Трескавец, Зрзе, Манастир Мариово, Свети Димитрие-Чебрен, Плаошник, Свети Ѓорѓи во Крубиново.

Ова е дел од двегодишниот проект на Институтот за старословенска култура од Прилеп во соработка со Универзитетот Калполи од Калифорнија, САД.

Тлото под и околу познатите македонски манастири чува остатоци на градби врз кои се издигнуваат вековните културни, образовни и уметнички центри и го потврдуваат континуитетот уште од антиката. Ова се првичните сознанија од уникатниот истражувачки проект.

-Проектот е „Византиски монашки центри во Македонија – традиција и континуитет“. Преку користење современи технологии ќе бидат утврдени постарите слоеви. Нашата научно-истражувачка цел е да утврдиме постоење на континуитет кој почнува уште од антиката па се до 19-тиот век на конкретно определени локалции, како што се овие манастири, кои во текот на повеќемилениумски период биле најзначајните културни, уметнички, образовни центри на тлото на Македонија. Со досегашните истражувања утврдивме постоење на повеќе постари објекти во самиот круг на манастирите. Сепак, рано е да се каже кои се финалните резултати. Овие податоци треба да бидат предмет на дополнителна обработка со што ќе можеме да утврдиме постоење на постари археолошки слоеви кои досега не биде предмет на класични археолошки ископувања, објаснува Александар Василески, главен истражувач и директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Професорот од Универзитетот во Калифорнија Ник Енџело е фасциниран од слоевите културно богатство.

-Нашата улога е да работиме со опремата што ја донесовме. Фасцинира тоа што манастирите се изградени врз многу постари темели на македонска култура. Се воспоставува континуитет уште од хелинистичкиот период и низ вековите, посебно во овој регион. Со опремата добивама детали за градбите под земја. Прецизно се регистрира сѐ, изјави Енџело.

Проектот кој го финансира Министерството за образование и наука и ќе трае две години.