Се испитува работата на еден државен и два приватни универзитети


 Во моментов работиме на три пријави – за еден државен и два приватни универзитети. За кои универзитети конкретно станува збор, ќе говориме кога ќе имаме сериозни докази, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска. 

Таа во емисијата „За и против“ на телевизија „Алфа“ најави дека ќе следува реевалуација и реакредитација на сите универзитети.

Во Министерството, како што посочи, постојано имало поплаки за работата на одредени универзитети и факултети.

Како што информираше, на јавна расправа ќе биде ставен нов предлог за печатење на сведителствата. 

– Добивме нов е-дневник со средства од ЕУ, којшто е многу посовремен и поефикасен. Тој е во фаза на тестирање и одобрување и истиот овозможува печатење на свидетелства. Но, реално, учениците имаат потреба од свидетелства само во деветто одделение и во завршна година од средно образование, за да го продолжат образованието или за да се вклучат на пазарот на труд. Можеби е подобро и поекономично, училиштата да ги печатат другите свидетелства, а завршните свидетелства да ги печати државата. И овој предлог ќе го ставиме на јавна дискусија, рече Јаневска.

По интервјуто СДСМ ја обвини министерката дека со денешното интервју потврдила дека нема да има покачување на платите и исто како Мицкоски се жалела  на буџетот.

-Апсолутна невистина е дека тие немаат пари во буџетот, тоа е само алиби за политиките кои веќе ги најави а тоа е да се стопираат покачувањата на платите во образованието и да не се почитува веќе потпишаниот колкетивен договор во високото образование. Се што прави ВМРО-ДПМНЕ во овие неколку недели се оправдувања и неосновани обвинувања за да не обезбедат средства за покачување на платите и да ги прекинат добрите политиките.

Јаневска треба да се срами кога вели дека јавноста не требала да се секира зашто ќе обезбеделе плати. Плати не се случило никогаш да фалат во време на СДСМ и тие постојано растеа. Какво е тоа ветување дека таа ќе обезбедела плати? Па уште го презентира како некаков успех на Владата. СДСМ остро ќе се спротистави на полтиките на соприрање на растот на платите и понижување на кадарот во образованието. Токму од таквите погрешни политики на ВМРО-ДПМНЕ во минатото, просветните работници беа понижени и земаа најниски плати во државата.

Јаневска да оди лично да им објасни како тоа СДСМ во време на светска економска криза можеше да обезеди плати и постојано покачување, а таа сега немала пари за тоа. Не станува збор за буџетот туку за приоритетите кои се сосема различни. За СДСМ приоритет беа наставниците, нивниот стандард и нивното достоинство, ВМРО-ДПМНЕ планира повторно од вработените во образованието да прави ниско платена работна сила, порачаа од СДСМ.