Се драматизира ли вадењето лични документи за да се испроблематизира спроведувањето на Преспанскиот договор?

Се драматизира ли вадењето лични документи за да се испроблематизира спроведувањето на Преспанскиот договор? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес најави барање до Уставниот суд да ги оспори измените на Законот за патни исправи од 2021 година со што практично тие нема да бидат во сила до следното одлучување за нивната уставност и индиректно, на таков начин, се пролонгира рокот до 12 фебруари 2024 година, што е крајниот рок тие да се сменат. Иницијативата, слободно протолкувано , значи да се запре примената на Преспанскиот договор – што може да биде преседан за негово спорење и натаму.
„Доколку Уставниот суд е експресен, како што видовме во минатото, тогаш може уште во текот на следната недела да постапува и да ја донесе таа времена мерка. Еве, да не се сведе тоа на партиско-политичка преписка во парламентот, Уставниот суд кој е одговорен за Уставот да донесе времена мерка вон сила сè до следно негово одлучување за уставноста на Законот и на тој начин другиот ден ќе нема редици такви какви што има“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски ова е едната опција, а другата е парламентот да се донесе закон со кој ќе се продолжи рокот за издавање на документите со новото уставно име на државата.
Министерот Бујар Османи денес пак порача дека проблем не е да се пролонгира рокот, но не знае како ќе се успее да се смени Членот 3 од Уставниот закон за спроведувањето на амандманите со кои се предвидува рок од пет години за смена на документите за надворешна употреба. За такво нешто потребно е двотретинско мнозинство, а и процедурата е многу подолга и покомплексна.
Според податоците од МВР, од јули 2021 година, кога почна издавањето на документи со новото име на државата, се сменети 1.169.463 пасоши, 1.007.885 лични карти и 529.799 сообраќајни дозволи. Не сите граѓани во Македонија вадат патни исправи, а според изјавите изминатите месеци од МВР, граѓаните што нема да успејат да ги сменат другите документи – нема да трпат санкции. Уште повеќе, веќе е најавено дека со старите лични карти ќе можат и да гласаат за избори, а наскоро се очекува и став на банките дали со ваквите документи ќе можат да ги користат сретствата на сметките, иако, според Членот 4 на истиот закон, рокот од пет години не важи за документите за внатрешна употреба.
Во септември од МВР соопштија категорично дека никој нема да биде казнет ако не направи замена на важечка лична карта, со лична карта без „Северна“ в банка ќе може за се заврши работа, но никаде не ќе може да се патува со пасош со „Република Македонија“. МВР нема да казнува, ама сепак патните исправи на граѓаните нема да важат ако сакате да излезете надвор од државата, освен таму каде што може да се патува со лична карта – Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Исто така ДИК и Македонската банкарска асоцијација веќе најавија дека граѓаните кои имаат важечки, неистечени лични карти со старото име на државата Република Македонија по 12 февруари нема да имаат пречки при посета на банкарските шалтери, а нема да имаат проблем ниту при гласањето на претстојните претседателски избори на 24 април и на претседателските избори на 8 мај. Кратко кажано, без проблем ќе се вадат пари и ќе се гласа. Од банките неофицијално велат дека ќе им ги уважуваат личните карти на граѓаните со старото име Република Македонија чиј рок на важење не е истечен. Официјален став на Македонската банкарска асоцијација со кој ќе се потврди ова како правило за сите банки се очекува во текот на оваа недела.
Испаѓа дека поголем проблем ќе бидат сообраќајните дозволи отколку личната карта, бидејќи ако не се сменат со нови, таквите возила не ќе можат да излезат од државата. Или генерално кажано, ако е загрозено некое право на граѓаните со ваквото темпо на вадење на документите, тоа е само можноста да патуваат во Грција и надвор од регионот. Дали тоа вреди да се покрене цела процедура за промена на Уставен закон, која пак може да го искомплицира спроведувањето на Преспанскиот договор на што Грција едвај чека, да отвори врата за негово натаможно оспорување на мала врата и да го претвори во тема за пазарење или барем за одвлекување на внимание?
Прашањето за продолжување на рокот за издавање на новите лични документи пред два дена го отвори шефот на државата Стево Пендаровски. Во интервју за ТВ Сител тој рече дека со брза интервенција на два закона – за лична карта и за патни исправи – може да се пролонгира рокот за вадење нови лични документи и наместо до февруари да биде продолжен до септември или октомври.Премиерот Димитар Ковачевски, пак, рече дека нема ништо против таквиот предлог доколку тоа прашање може да се реши на меѓународно ниво. Го упати Пендаровски да оствари комуникација со претседателката на Грција по однос на ова прашање бидејќи, како што кажа, и тоа е нивото на коешто може да се комуницира.(С.Ј.)