Се доцни со формирањето на Агенцијата за квалитет на високото образование

Преголемата мрежа на  високообразовни установи, кои во земјава бројат 28, со  130 факултети во нив и над 1300 акредитирани студиски програми, го доведува во прашање гарантирањето на квалитетот. Повеќе од кога било е дојдено време да се изврши рационализација, да се започне со оценување и тоа што не е вредно да се редуцира или да се укине. Бројот на запишани студенти се намалува, а на факултетите професори предаваат дури и по десет предмети, што е незаконски. Од универзитетите, исто така, се пожалија дека речиси никој веќе не се јавува на огласите за вработување, за да примат надворешни професори и подмладок. Преголемата бројка треба да се редуцира со критериуми за гарантирање на квалитет, на што треба да работи Агенцијата за квалитет во високото образование. Таа треба да  биде составена од Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високото образование и досега требаше да биде формирана, односно до 17 мај годинава. Но, како со сите најавени промени во образованието, и со  ова се доцни. Постапката за формирање на Агенција за квалитет во високото образование е започната, а одлуката за неа помина на Владата уште во декември минатата година. Директорите на Агенцијата за квалитет на високото образование, како и на Националната агенција за квалитет ги одбира Собранието, додека членовите ги предлагаат повеќе страни, меѓу кои и Владата. Министерот Арбер Адеми вели дека сè  уште чекаат предлози за членови во органите. Од Министерството за образование и наука посочуваат дека кочница да се формира Агенцијата биле изборите.

„Согласно со новиот Закон за високото образование, овие тела требаше да се формираат до 17 мај годинава. Но, поради неодамнешниот изборен процес, чија организација и спроведување влијаеја на одложување на дел од активностите за основање на овие тела, процесот очекуваме да биде заокружен до крајот на овој месец или почетокот на следниот“, посочија од МОН.

Одборот за акредитација на високото образование ќе биде орган што ќе ја спроведува акредитацијата на студиските програми и на високообразовните установи, а Одборот за евалуација ќе биде задолжен за надворешно оценување на високото образование. И двете тела ќе бидат составени од по петнаесет члена.

Адеми не е задоволен што една студиска програма ја има на повеќе факултети на ист универзитет. Потребно е, според него, и одговорно да пристапат со ректорите кон решение на преобемниот број на студиски програми.

„Не може една студиска програма да биде акредитирана на повеќе факултети. Ако се концентрираат финансиите на една студиска програма,  би се обезбедил повисок квалитет. Бројката сега е над 1000 студиски програми и од ден на ден е различна,  оти стигнуваат решенија за акредитирани нови студиски програми. Навистина е штетно. Треба совесно и одговорно да пристапиме кон решавање на проблемот со сите ректори за да почнеме иницијатива за оптимизација или рационализација на студиските програми“, додаде министерот.

За да се постигне квалитет во високото образование, ќе се затвораат факултети. Ваквите реформи допрва ќе следуваат, бидејќи според премиерот Зоран Заев, во државава има повеќе факултети од средни училишта. Тој најави дека ќе биде ставен клуч за некои факултети, затоа што при вработување не се бараат само дипломи, туку и знаење. Неодамна  и актуелниот претседател на Одборот за акредитација и евалуација, Владо Камбовски, за „Независен весник“  забележа  дека во земјава има многу високообразовни установи, односно над 130 факултети и е дециден дека тие треба да се рационализираат.

„Услов е да има евалуација, да има групи што ќе извршат длабинска анализа на работите во тие установи и на крај ќе дадат свои мислења, дали има доволно професори, дали се квалитетни програмите, дали имаат библиотеки. Во Македонија има преширока мрежа на високообразовни установи, со над 20 универзитети, со повеќе од 130 факултети, а бројот на студенти од година в година се намалува. Време е да се изврши рационализација“, рече Камбовски.

Одборот за акредитација и евалуација минатата година одбил една третина од барањата за акредитација на студиски програми, а во периодот 2017 и 2018 година биле акредитирани 1300 студиски програми. Меѓутоа, Одборот изминатата година не одзел акредитации.

Вероника Мароска-Леова