Се буди ли проектот „Бехтел и Енка“: Се бараат работници, ќе се гради камп…

Саемот за вработување треба да покаже каква е заинтересираноста кај македонските граѓани. Покрај Гостивар, камп ќе се гради и кај Битола


 

Проектот на векот, како што беше наречена изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10д, како повторно добива на динамика, откако конзорциумот „Бехтел и Енка“ за утре во Гостивар најави прв „Саем за вработување“, како и информацијата ден претходно дека за потребите на проектот ќе се гради голем работен камп за вработените.

Значи ли ова дека работите, конечно, се мрднати од мртва точка, откако изминатиот период Владата префрли вкупно 175 милиони евра на сметката на „Бехтел и Енка“, но на трасите каде што треба да минуваат автопатиштата немаше никакви видливи активности?

Соговорници кои што се упатени во реализација на проектот за „Независен“ уверуваат дека работите се одвиваат според утврдената динамика, а доколку има доцнење од недела-две, тоа е незначително. „Големи“ работи, како што велат, се очекуваат веќе во септември.

„Тоа што не е видливо за око, не значи и дека не се работи“, велат соговорниците.

Утрешниот саем за вработување практично треба да покаже каква е заинтересираноста кај македонските граѓани да работат на автопатиштата. Доколку има доволно кандидати, тогаш нема да има потреба да се бараат работници од странство. Во спротивно, недостигот ќе се пополнува со странска работна сила.

Инаку, самиот камп ќе биде лоциран на излезот од Гостивар кон Кичево, од левата страна покрај Вардар, и тој ќе биде база од која ќе се опслужуваат потребите за делницата од Тетово до Гостивар, која е во должина од околу 17 километри, како и за автопатот од Гостивар до Букојчани во должина од 30 километри.

Наскоро ќе има повик и за изградба на вториот камп кој ќе биде за потребите на делницата од Прилеп до Битола, но тој ќе биде двојно помал од гостиварскиот.

Изградбата на кампот кај Гостивар, практично стана актуелна откако вчера компанијата „Брако“ соопшти дека дала понуда за набавка на 104 објекти од монтажен, префабрикуван и контејнерски модуларен систем за групно домување, работни простории и други објекти за потребите на работниот камп, како и за сите потребни елементи: греење, ладење, опрема и мебел, противпожарен алармен систем, ИТ систем, внатрешни инсталации, водовод, канализација, електро инсталации и опрема, системи на вентилација итн., како и транспорт на добрата до локација.

Кампот ќе се протега на површина од над 300 илјади метри квадратни, и како што велат нашите соговорници, неговата изградба треба да почне во септември, откако Општина Гостивар треба да ги даде потребните дозволи и откако ќе се решат имотно-правните работи. Изградбата на кампот се очекува да се трае неколку месеци.

Практично тоа ќе биде „град во мало“ со сите неопходни објекти за сместување и одмор на ангажираните работници.

Од „Брако“ посочија дека во неговата изградба треба да бидат ангажирани македонски компании, како и дека македонски работници треба да добијат најголем дел од работите при изградбата на автопатот.

Саемот за вработување ќе се одржи утре во 16 часот во Агенцијата за вработување во Гостивар, а потоа ќе продолжи со презентација и во другите градови.

Првиот вицепремиер Артан Груби, кој од страна на Владата е назначен за координатор за изградба на коридорите,  преку објава на Фејсбук нагласи дека „сите заинтересирани за работа ќе имаат можност да се запознаат со можностите што ги нуди овој конзорциум при изградбата на автопатските делници на коридорите во следните пет години“.

Конзорциумот „Бехтел и Енка“ потпиша договор со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10д во наредните пет години. Изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра. За овој проект во Буџетот веќе се предвидени 244 милиони евра за годинава. Со договорот се опфатени автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри), Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар (над 17 километри) и на делницата Прилеп – Битола (40 километри) од Коридорот 10-д.

До сега од Буџетот во неколку наврати беа префрлени пари за реализација на проектот. Последен пат тоа беше сторено на 28 јули кога Министерството за транспорт и врски исплати 443.602.000 денари (7,2 милиони евра) на ЈПДП, како трета трансакција по ред наменета за „Бехтел и Енка“.

Средствата, како што објаснија од ЈПДП, се наменети за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства, за геомеханички испитувања, мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување на кампови, лабараторија и други работи од страна на изведувачот.

Претходно, на 23 јуни ЈПДП доби 53,33 милиони евра исто така за „Бехтел и Енка“, а на 26 април беше исплатен и до сега највисокиот износ од 117 милиони евра, или вкупно околу 175 милиони евра.

До крајот на годинава „Бехтел и Енка“ треба да добие уште две уплати, едната од 25,5 милиони, а другата од 49,5 милиони евра.

Паралелно со ова и во Јавното претпријатие за државни патишта финишира екипирањето на Проектната единица за спроведување на проектот за изградба на инфраструктурниот проект Коридор 8 и Коридор 10д, а што во два наврати беше објавен оглас со кој се бараат луѓе за повеќе работни места за определено време, односно до 22 јануари 2028 година.

Меѓу другото, се бараа двајца специјалисти за експопријација, еден известувач за проектот, потоа администратор, возач, петмина специјалисти за инвестиции и градба на патишта, специјалист за урбанистичко-планска документација, за подготовка, изработка и следење на проектна документација, специјалист за геодетски работи, двајца специјалисти за заштита на животна средина, тројца за електроенергетски објекти, како и еден за сообраќајна сигнализација.

Основната плата се движи од 29.866 до 55.037 денари во зависност од позицијата, а работното време е распоредено во една смена и трае 8 часа дневно. Неделното работно време изнесува 40 часа, а работењето е во работни денови – од понеделник до петок.

За вработените кај „Бехтел и Енка“, сепак, ќе важат други стандарди во однос на работното време, бидејќи со измените на Законот за работни односи кои ги донесе Собранието за проекти од стратешки и национален интерес се овозможува опцијата за подолга работна недела и недела работен ден исклучиво само за вакви градежни работи, за што се обезбедува и писмена согласност од самиот работник.