Се бара осомничениот за убиството на Оки да биде екстрадиран во Грција
Грчката полиција, првично преку меѓународна, а потоа преку европска потерница, бара осомничениот за убиството на македонскиот државјанин на Халкидики да биде екстрадиран во Грција за да биде изведен пред грчката правда, а станува збор за 33-годишен кој е притворен во Скопје за учество во двојно убиство во март минатата година во Скопската чаршија, јавува дописничката на МИА од Атина од грчки полициски извори.
Грција ја бара оваа екстрадиција од причини што делото е извршено на грчка територија и затоа треба да се суди во Грција. Осомничениот е веќе во притвор во Скопје но за друго дело. Целиот овој процес на екстрадиција ќе биде во надлежност на Министерствата за правда на двете земји.
Паралелно, изворите на МИА посочуваат дека сè уште не е идентификуван соучесникот во убиството.
Грчката полиција го расчисти убиството што на 15 јули минатата година се случи во вила на Халкидики, кога смртно беше застрелан 39-годишниот Орхан Бајрами-Оки, а повреден беше 45-годишен, и двајцата државјани на Македонија. Полицијата во Грција успешно го идентификувала сторителот, а во непосредна близина ги пронашла пиштолот, ракавиците и капата со кој се утврди дека станува за тоа конкретно дело.