Јавноста бара брза и ефикасна истрага за случајот Онкологија
Гнев во јавноста, страв кај најтешко болните – случајот Онкологија предизвика лавина реакции кај познатите личности, но и кај обичните луѓе. Некои од нив го кажуваат и сопственото искуство што го имале со оваа клиника на која се лекуваат за најтешко болните – оние со малигни заболувања. На социјалните мрежи „врие“ од реакции во кои се бара брза и ефикасна истрага и казни за сторителите, доколку се потврдат сомневањата за подметнување физиолошки раствори, наместо давање на препишаната скапа биолошка терапија, која потоа, наводно, се продавала на црниот пазар во Косово.
Првиот човек на Царинската управа, Стефан Богоев, во пост на Фејсбук вели дека со неговиот покоен татко своевремено поминал четири месеци на Онкологија.
„Случајот во најмала рака е згрозувачки. Кој не бил, не знае што тоа значи. Ако навистина се препродавале лекови и терапија за сметка на животите на тешко болни луѓе, тоа заслужува најстрога можна казна!“, вели Богоев давајќи поддршка за МВР и ОЈО да го истераат случајот до крај, како што посочува „без разлика на партиска, етничка или верска припадност на криминалците“.
„За никогаш повеќе никој да не помисли, а камоли да го направи ова злодело!“, вели Богоев.
Ана Чупеска, вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, исто така во пост на Фејсбук, вели дека сите оправдано се згрозени и реагираат на онколошките монструмски сомневања.
„Имаме инфо дека ОЈО отворило истрага и во координација со МВР делуваат соодветно;
Сите, едвај чекаме наоди и разврска“, вели Чупеска.
Таа посочува дека, за жал, се уште има и такви кои ги злоупотребуваат и така веќе упропастените човечки судбини, како и дека има и такви за кои презумпција на невиност не важи… се за политичка видливост.
„И уште нешто, повици за протест се легитимни, ама не и однапред да ги осудувате, со фаци што сте ставиле на слики и да повикувате на линч без да имате било какви докази. Аман кое дно сте ??? Трамповци и трапчовци“, вели Чупеска.
Затоа, како што нагласува, смета дека што побрзо, најбрзо, итно, ОЈО треба да ја извести јавноста до каде се со наодите од истрагата.
„Но, секое успорување на истрагата значи отворен простор за уште поголема злоупотреба на жртвите“, вели Чупеска.
Оние, кои пак, имаат најблиски кои ја изгубиле битката со опаката болест споделуваат трогателни сведоштва. Така една од нив, вели дека нејзината ќерка пред две и пол години се лекувала на Клиниката за онкологија.
„Мислевме дека се лекува, они ми го убија детето. Од лесно излечив тип на канцер тие со „терапијата“ го хранеле канцерот“, вели таа посочувајќи дека нема да дозволи да се заташка случајот.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека дека ваков тип на криминал е мултипартиски и мултиетнички и дека Владата нема да има никакви интервенции за заштита на било кого.
„Секој криминал има свое име и презиме, има одговорност, и задачата на МВР и на Обвинителството е да обезбеди докази врз основа на кои што ќе бидат идентификувани сторителите“, рече Ковачевски .
Вчера со реакција се јави и Лекарската комора од каде што изразија голема загриженост во однос, како што посочија, „вознемирувачките информации изнесени во медиумите за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија, што доколку се покажат како вистинити ќе значат голема повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност, што треба да бидат приоритет во работата на секој лекар и секој здравствен работник воопшто“.