СДСМ за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ: Пријатели на Мицкоски, кадри на Груевски и нестручни…

ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада понуди слаби и нестручни кадри, тврди СДСМ во денешната реакција по објавувањето на предлозитеод страна на опозициската партија за министри и заменици министри во техничката влада.
-Дел од предложените кандидати за во техничката влада се лични пријатели на Христијан Мицкоски, дел се поранешни функционери во град Скопје, а дел се кадри од времето на Груевски.Но, ниту еден нема зад себе некаков резултат. Напротив.
Ѓоко Велковски е претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Чаир и советник во општината. Беше назначен за генерален секретар на Град Скопје, а потоа и разрешен.Стефан Андоновски е исто така советник во Советот на Град Скопје. Хаосот што се случува во Скопје најавува што може да се очекува од ваквите кадри на Мицкоски во техничката Влада.
Елена Петрова е вработена во УЈП, позната е меѓу колегите по тоа што додека била на раководно место се вработила во УЈП и нејзината сестра.Панче Тошковски е личен пријател на Мицкоски, негов долгогодишен соработник.
Во отуство на професинален кадар, кој ја познава работата на МВР, очигледно личните релации се единствен критериум за неговиот избор. Цветан Трипуновски е олицетворение на режимската матрица во ДПМНЕ и доказ дека во оваа партија ништо не се менува. Трипуновски како кадар на Груевски ги поддржуваше погубните политики на ДПМНЕ во земјоделството. Беше организатор на лажните протести, а има и кривична пријава за злоупотреба на службената должност.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, објавија дека ова е почеток на крајот на СДСМ и на ДУИ.
-Денес Димитар Ковачевски си дава оставка, ова е почеток на крајот на СДС и ДУИ! Ковачевски е премиерот кој донесе само понижувања, криминал и корупција. Ковачевски е премиерот кој најмногу ја оддалечи Македонија од ЕУ, го забрза иселувањето и ја зголеми сиромаштијата.Заради Ковачевски, Македонија оваа година го доби најнегативниот Извештај од ЕК, а пораките од европските претставници за неподносливата корупција во Македонија не запираат да доаѓаат, порачаа од опозицијата.
Уште неформирана, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера ја нарече техничката влада – влада на конфликти, порачувајќи дека во неа ќе има „корнење за коса“.
-Техничката влада ќе биде влада на конфликти, нема да биде работењето за машала. Таму секој ден ќе се корнеме за коса, ќе се тегнеме – ти вака, ја онака. Така ќе биде. Тоа нема да биде работа што би значело додадена вредност во рамки на развојот на државата, рече Мицкоски за нешто за што граѓаните во земјата ќе ги плаќаат очекувајќи да завршат корисна работа.