СДСМ за дата центрите: Македонија нема ресурси за експерименти зад затворени врати
СДСМ реагира на обвинувањата на владеечката партија дека е против економски развој со противењата за изградба на дата ресурси во земјата. Според нив, премиерот Христијан Мицкоски јавно вели дека процесот е отворен и транспарентен, а самиот признава дека преговара со 5-6 инвеститори зад затворени врати или под радарот.
„Зошто не се објавуваат нивните имиња? Со кого се договара Мицкоски „под радарот“?На кого му ги става на располагање водата, земјата и струјата на Македонија? Колку ќе ги чини тоа граѓаните? Пари, вода, плодно земјиште? Нема одговори. Нема имиња. Нема анализи. Нема ништо. Мицкоски работи „под радарот“. А, кога Мицкоски работи сам, никогаш не се знае ништо, тој сам одлучува.
Земјоделците може да останат без потребната вода за нивите, а граѓаните да плаќаат повисока цена за струјата. Македонија нема ресурси за експерименти зад затворени врати. Особено не со водата. Во држава во која граѓаните веќе се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето, загадени реки и труења во Гостивар, власта планира огромни потрошувачи на вода без да ги објави основните анализи.
Истото важи и за струјата. Македонија нема стабилен енергетски систем за Мицкоски однапред да ветува државни ресурси без јавноста да знае колку ќе чини тоа и кој на крајот ќе ја плати сметката.А цела Македонија знае дека бизнисот со струја е омилен бизнис на Мицкоски.
Затоа мора да се знае секој детаљ. Инвестициите мора да бидат во интерес на Македонија. Не ресурсите на Македонија да се ставаат во функција на туѓи профити.Водата, струјата и земјата се ресурси на граѓаните, а не приватна сопственост на Мицкоски, порачуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека наспроти марихуана бизнисите на СДСМ, кои отворале простор за интереси на тесни кругови, тие отворале можности за инвестиции во технологии и индустрии кои се дел од иднината на светската економија.
„Дата центрите се токму таква можност. Станува збор за современа индустрија која е тесно поврзана со дигитализацијата, вештачката интелигенција и развојот на новите технологии. Македонија не смее да остане надвор од овие процеси.Наместо да ја препознае можноста, Филипче повторно избира да напаѓа и да шири паника. Очигледно е дека не може да се помири со фактот дека Македонија конечно се движи напред.
СДС зборува за потрошувачка на електрична енергија и вода како аргумент против развојот, притоа занемарувајќи дека денес постојат различни современи технологии и решенија за функционирање и ладење на дата центрите, во зависност од нивната намена и големина.
Исто така, Македонија денес функционира како пазарна економија, со јасно утврдени механизми за снабдување и плаќање на електричната енергија.Затоа, наместо да се создава непотребна паника, потребно е да се гледа што може да добие државата. Нови инвестиции, нови работни места, развој на ИТ-секторот, ангажирање на домашни компании и можност Македонија да стане дел од глобалната дигитална економија.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ниту еден проект да биде реализиран на штета на граѓаните, животната средина или природните ресурси. Сите конкретни инвестиции ќе ги исполнуваат законските и еколошките стандарди, уверуваат од владеечката партија по сите еколошки скандали во земјата.