СДСМ во жестока пресметка со Шилегов и Деспотовски
Партијата вели дека Шилегов и Деспотовски настапувале во критиките координирано со ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ денеска ги обвини поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, и поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, дека како членови на партијата одработувале за ВМРО-ДПМНЕ, а дури и дека биле координирани со владејачката партија.
„ВМРО, Шилегов, Деспотовски, сите користат иста реторика, исти техники од кујните и пораките ги шират преку истите провладини портали“, велат од СДСМ и наведуваат дека јасна била координацијата меѓу нив.
„ВМРО ја напаѓа СДСМ за лидерската средба. Излегува Шилегов и ја напаѓа СДСМ за лидерската средба, дури употребува ‘изолирана партија’ односно со иста реторика на Мицкоски.
Депостовски исто така ја напаѓа СДСМ за ‘неучеството на средба на лидерите на најголемите партии’.
ВМРО ја напаѓа СДСМ затоа што бара законска заштита на податоците од системот ‘Безбеден град’. Деспотовски денеска за истата тема ја напаѓа СДСМ дека се инаети за ‘клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните’.
Шилегов во телевизиска емисија го напаѓа СДСМ како била донесена одлуката да не се поддржи законското решение за истата тема.
Деспотовски и Шилегов немаат ниту еден единствен критички збор упатено за Мицкоски и ВМРО, за нивните криминални тендери, за изолацијата на земјата, ниту пак за некоја владина политика“, велат од СДСМ.
Во синоќешното гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма Петре Шилегов побара оставка од актуелното раководство на СДСМ затоа што имало катастрофалните резултати во работењето. Шилегов го обвини лидерот на СДСМ Венко Филипче дека ја води партијата кон исчезнување.
„Да ја сведете поддршката на партијата на само стотина илјади гласови и само 15 пратеници, да станете петаа партија во Скопје, трета во Македонија, што е тоа ако не катастрофа“, рече Шилегов.
„Ќе дојде до определени барања не само од моја страна, туку од сериозна групација во партијата, меѓу кои има и актуелни пратеници, кои исто така немаат никаква комуникација со раководството. Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функција“, рече Шилегов.
„Убеден сум дека со вакво ВМРО-ДПМНЕ, ако се консолидираме за два месеци, на следните избори може да го поразиме. Поразително е да имате мнозинско опозициско расположение, а како опозициска партија СДСМ да се бори со ДУИ и Левица, за втора и трета опозициска партија, а не да биде лидер на опозицијата. Ако дојде до брза промена на раководењето и креирањето на политики на СДСМ, јас ви гарантирам дека на следните вонредни избори, ваквото неспособно ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ќе го порази“, потенцираше Петре Шилегов.
Тој одговори на нападите од СДСМ дека „одработува за ВМРО-ДПМНЕ“ или дека „станал вмровец“ оценувајќи дека тие се обиди за лична дискредитација и дисквалификација.
И Јован Деспотовски во денешната реакција до медиумите го обвинува раководството на СДСМ дека се служи со лаги, конструкции и манипулации.
„Единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата. Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функциониери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв.
Никој друг освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата. Од неучеството на средба на лидерите на најголемите партии, што е само дистанцирање од сопствената земја и граѓани. Од инаетењето со клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните.
Ова што се случува одамна ја помина секоја границата на внатрепартиска дебата. Станува збор за свесна клевета и политичка хајка, која нанесува штета не само на моето име и интегритет, туку се гази и угледот на партијата. Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ“, рече Деспотовски.