СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ сака да ја загрози постапката на УЈП со злоупотреба на данок
СДСМ ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека сакаат да ја загрозат постапката која што е во тек, а ја спроведуваат надлежни институции по налог на УЈП, или пак се само очајни.
-Дека постои мрежа на нафтени компании кои сакале да го изиграат системот и да испумпаат пари од буџетот заменик претседателката на СДСМ и директорка на УЈП јавно соопшти, најавувајќи детали за в понеделник. Случајот е откриен токму од УЈП, целата постапка на разоткривање и процедура за расчистување е веќе завршена и јавноста ќе биде запознаена со сите информации.
Предвремено изнесување паушални, неточни и непроверени работи како што прави ДПМНЕ ја загрозува постапката и опозициската партија треба да престане со дезинформации да прави штета.Сите инволвирани во овој случај ќе сносат одговорност согласно законите.
ДПМНЕ треба да одговори за испупувањето на парите кои нивните градоначалници ги прват низ општините, каде за машини кои вредат 2-3 илјади евра се трошат по 50 илјади евра, возвратија од СДСМ.
Деман стигна и од УЈП. Во него стои дека Управата за јавни приходи ги демантира новодите на ВМРО-ДПМНЕ за работата на УЈП и за постапката која што ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем.
-Управата за јавни приходи остро ги демантира наводите од страна на ВМРО – ДПМНЕ, во кои се изнесуваат невистини за работата на УЈП и постапката која што ја водат надлежните институции за злоупотреба на даночниот систем, се посочува во соопштението од УЈП.
Од Управата наведуваат дека изнесувањето неточни и лажни информации од страна на ВМРО – ДПМНЕ со кои „се манипулира и доведува во заблуда јавноста“, нанесува штета на работењето на УЈП.
-Институциите како и досега за сите случаи постапуваат согласно своите надлежности, и тоа го прават во интерес на граѓаните. Апелираме јавноста да не потпаѓа на овие манипулации и да ги следи официјалните информациите кои доаѓаат директно од институциите, наведуваат од УЈП.
Пратеникот Бојан Стојаноски претходно во изјава за медиумите не наведе ниту сектор од кој се пумпале парите како ДДВ, ниту пак имиња на компании, а изјавата дојде два дена кога од УЈП веќе објавија дека ќе откријат мрежа за злоупотреба поврзана со даночно затајување и фиктивен поврат на ДДВ кај енергетски компании и бензиски пумпи.