СДСМ: Власта го погреба правосудниот систем
Имаме чувство дека Мицкоски ги поставува обвинителите и јавно им дели задачи. Вчерашното излагање во Собранието може да се разбере како притисок врз Обвинителството, што е за секоја осуда, но, ако се има предвид кој го смени обивнителот и кој сака обвинител под своја контрола сѐ е јасно, вели СДСМ
„Со промена на обвинителот и планираниот избор на обвинител под своја контрола, власта го погреба правосудниот систем за да се спаси од одговорност за криминалните тендери, но и да им дели задачи што и како да работат. Ова е дел од планираното сценарио во рамки на црната кампања на ВМРО и обидот за линч на претседателот на СДСМ, Венко Филипче преку измислен рекет.
За ниту една бомба, за ниту еден скандал што го објави СДСМ за криминалните тендери на ВМРО-ЗНАМ нема реакција на Обвинителството.Не допира гласот до Обинителството за 161 тендер за една фирма на другарот на Мицкоски, за 51 тендер преку општините само за една фирма блиска до ВМРО, не допира гласот за скандалот со 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, за 1,2 милиони евра во Пошта за фирмата блиска до ЗНАМ. Нема допрен глас за овие скандали. Не само по допрен глас, никаква реакција нема од институциите. Затоа и нема реформи во правосудството туку целосна контрола во канџите на ВМРО“, се вели во соопштението.
Од власта возвратија со истите зборови, дека „имаат чувство дека СДС се премногу чувствителни, прашувајќи – дали се плашат од одговорност?“
„Изминатите 7-8 години, СДС заедно со нивниот коалиционен партнер ДУИ, го контаминираа правосудството, инфилтрирајќи свои кадри во македонското обвинителство и судство. Од судски Совет, Совет на јавни обвинители, државен јавен обвинител, врховни судии и итн, СДС и ДУИ го урнисаа правосудството кое има 2% доверба од граѓаните.
Функционерите на СДС и ДУИ за кои имаше сомнежи дека имаат сторено криминал и корупција, не беа викани ниту на разговори, ниту пак беа осудувани, што впрочем гледаме дека денес кадри на ВМРО-ДПМНЕ не се изолираат од одговорност – доколку има доказ за истото.
Така да, граѓаните да бидат спокојни. ВМРО-ДПМНЕ нема да оди по стапките на СДС и ДУИ, туку ќе оди по стапките на правдата и одговорноста. Не смее некој што сторил криминал да биде заштитен од страна на правосудството во државата“, реагираа од власта.