СДСМ: Власта аматерски раководи со Онкологија и лековите
Опозицискиот СДСМ вели дека тоа што за пациентите на Клиниката за онкологија седум дена нема биолошка терапија, која им е животно потребна, е „вистинска хуманитарна катастрофа која е резултат на крајно аматерскиот и неорганизиран пристап на власта“.
Според СДСМ, власта наместо решенија нудела изговори.
„Комплицирани биле административни процедури, немало време регистар за лекови, зголемен бил бројот на пациентите. Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски се правда дека една од причините за недостигот на билошките лекови е укинувањето на дозволата на директорите да ги набавуваат овие лекови на реверс.
Па ако цела 2024 година не се земале лекови на реверс што се чекало досега? Зошто не се реагирало порано, зошто не се направил план за набавки, зошто се дозволи да се доведе во прашање животот на онколошките пациенти?
Овие изговори се недозволиви во услови кога е во прашање човечки живот. Дали власта знае дека животот на пациентите со метастатски канцер е загрозен и зависи токму од оваа терапија?
Овој колапс што се случува на Клиниката за радиотерапија и онкологија е уште еден показател за неспособноста на премиерот Мицкоски и министерот Таравари, да одговорат на потребите на граѓаните и генерално на целокупниот здравствен систем.
Решенијата што се споменуваат дека преку донации ќе се обезбедувале лековите е срамна. Лекови од донации а владата авион сака да купува и илјадници евра за шетање по странство да троши пари на граѓаните“, изјави на прес-конференција Белкиса Зеќири.