СДСМ вели дека тие што одат на лидерската ја легитимираат корупцијата
СДСМ не оди на лидерската што ќе се одржи денеска и преку соопштение оцени дека оние што ќе бидат на тој состанок ги легитимирале криминалот и корупцијата.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во:
– Легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ.
– Анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата.
– Планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски
– Реализација на планот ‘мигранти за пари’ после тоа.
Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник“, велат од партијата.
„Средба со криминалци нема да има. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна“, порача денеска генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ, на прес-конференција по повод средбата и обидите за укинување на техничката влада.
Тој нагласи дека „сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката влада стануваат соучесници во легитимирање на криминалот и корупцијата, во анти-ЕУ кампањата за изолација на земјата, во планот за предвремени избори и мигранти за пари“.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени. Не сакаат реформи за ЕУ, туку покритие за намерна изолација на земјата“, истакна Димитријевиќ.
Генералниот секретар на СДСМ додаде дека власта е во паника бидејќи се разоткриени коруптивните шеми.
„Им се брза – им ја откривме корупцијата, им ги разоткривме плановите за мигранти, а во буџетот нема пари. Сакаат да ја укинат техничката влада затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија“, потенцирапе тој.
Димитријевиќ нагласи дека Антикорупцискиот тим на СДСМ досега објавил само дел од скандалите.
Димитриевиќ истакна дека во буџетот недостасува една милијарда евра и дека власта „ги пополнува дупките со постојано трупање нови долгови“.
„Сè е веќе јасно. Техничката влада мора да остане. Таа е единствената шанса, единствениот обид за некакви минимални услови за фер избори“, нагласи генералниот секретар на СДСМ.
Тој обвини дека актуелната власт „ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели“, врши притисок врз судството, носи измени на Кривичниот закон за спас на функционерите и ја злоупотребува полицијата, додека истовремено се носат резолуции „со кои практично се укинува слободата на говорот на опозицијата“.