СДСМ уште чека одговори за патувањето на Мицкоски со државниот авион во Сплит
Опозициската СДСМ и денеска побара одговор од премиерот Христијан Мицкоски да даде детали за неговото патување лани во август во Сплит, Хрватска, и да каже кои други патници биле во воздухопловот.
„Сѐ уште нема одговори колку чинеше луксузирањето на Мицкоски со владиниот авион и кој бил со него.
Но, луксузирањето на Христијан Мицкоски врз грбот на граѓаните и летањето со владин авион на Јадранско Море го откри неговото вистинското лице и лицето на неговата расипничка власт.
Додека народот брои денари до крајот на месецот, работниците се на улиците за поголеми плати, премиерот лета на одмор со владин авион“, рече на прес-конференција портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.
Таа додаде:
„Им кратат 40 милиони евра на земјоделците за субвенции, 5 милиони евра од поддршката во спортот. Дури и на лицата со ретки болести им скатија 3 милиони евра!
А истовремено планираат да купат нов владин авион вреден околу сто милиони евра.
Со парите за еден луксузен авион може да се изградат 3 нови модерни болници или целосно да се реконструираат повеќе постоечки здравствени центри. Но наместо пари за плати, за пензии, за училишта, болници, Владата сака луксузот на Мицкоски да го платат граѓаните.
Тоа е приоритетот на оваа тендер коалиција ВМРО-ЗНАМ. Ова е безобразие без граници“.