СДСМ тврди дека ВМРО-ДПМНЕ е вознемирено од „силата и енергијата на конгресот“
Опозициската СДСМ ги отфрли денешните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ и ѝ порача на владејачката партија дека била вознемирена од „новата сила, енергијата и ентузијазамот кој беше многу видлив на вчерашниот конгрес“.
„СДСМ покажа дека се издигнува после пораз, а конгресот е пресвртница во опозициското дејствување на партијата. Внесовме нова енергија во нашите редови. Ги отворивме вратите за сите кои се блиски до социјалдемократски идеи и вредности.
Новиот Централен одбор на СДСМ го сочинуваат поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани.
Изборот на нова заменик претседателка на СДСМ Фани Каранфилова-Пановска е додадена вредност на партијата каква што ДПМНЕ никогаш немала.
Партијата со белиот дворец не може да го смисли прогресивното граѓанско општество, затоа и невладините организации и неистимислениците отсекогаш биле таргет на ДПМНЕ“, вели партијата во своето соопштение.
Новата заменик-претседателка на СДСМ на вчерашниот конгрес рече дека е убедена оти партијата ќе го врати статусот, угледот, кредибилитетот, поддршката и победите на партијата.
Во обраќањето пред делегатите, Каранфилова-Пановска посочи дека во оваа фаза во која се наоѓа сега СДСМ, клучно е враќањето на довербата на слободоумните граѓаните.
„Моето нафаќање и ангажман ќе биде особено значајно и се надевам ќе биде од голема помош, во оваа фаза на темелни внатрешни промени и реформи, дефинирање на новиот курс и позиционирањето на партијата, имајќи ги предвид сите предивизици, а особено, оној, за мене клучен и суштински, а тоа е враќањето на довербата кон СДСМ од страна на слободоумните граѓани на кои вредносната оска на социјалдемократијата им е блиска, а кои во изминатиот период се разочараа од СДСМ и се чувствуваат изневерено. Нив мора да ги вратиме. И во ова лежи суштината на мојот инстинкт, порив и подготвеност да се нафатам на оваа сериозно одговорна функција“, рече Каранфилова-Пановска.
Според неа, „СДСМ мора интензивно и бескомпромисно да зрачи и да делува согласно својот автентичен вредносен систем идеологија и наратив, кои ќе бидат главната окосница што ќе ја одржува и зајакнува внатрешната кохезија и заедништвото во партијата“.