СДСМ претстави „рецепт“ за лага на ВМРО-ДПМНЕ: Гответе со Мицкоски
Прво утринава ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека преку ИПАРД брендот „Мамас“ на компанијата на Заеви добил милионски грант, а потоа СДСМ во сатирична форма претстави „рецепт“ за вмровски лаги.
„По камуфлирањето на кусокот на 2.000 тони жито вреден 800.000 евра на владина седница од страна на Заев и Филипче, Љупчо Николовски веќе следната година му возвраќа за услугата на кланот Заеви со грант од 1,4 милиони евра.
Во 2022 година Компанијата ‘Тргопродукт’, која е во сопственост на кланот Заеви, добила грант вреден 1,4 милиони евра. Тоа е истата фирма на кланот Зaеви препознатлива под брендот ‘Мамас’. Овој грант во тој момент бил втор најголем грант во историјата откако се работи со ИПАРД програмата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Контрареакцијата на СДСМ имаше оригинален синопсис, наведувајќи што сѐ е потребно за една вмровска лага. Еве го соопштението:
За оваа лага ви се потребни: Зоран Заев – 1; Венко Филипче – 1; СДСМ поранешен министер – еден прстофат; И пар роднини од Заев, по можност браќа, братучеди
Како се подготвува лагата: Еден Заев. Бидејќи Заев е жилав, мора долго да се динста. Дури и 5 години откако е во политичка пензија, можеби ќе треба и повеќе. Сепак, го турна режимот, со години беше за продолжување на патот кон ЕУ и уште ја внесе Македонија во НАТО. Тоа бара повеќегодишно динстање со лаги.
Еден Венко. Тука е дополнителен проблем. Тој е прилично нов и свеж, па мора да се измеша со нешто долго динстано. На пример, Заев, кого претходно сте го маринирале.
Ја добивте основата. Сега одат додатоците. Најдобро е да додадете неколкумина од семејството Заев.
Сега сте веќе близу крајот, но не заборавајте уште некој министер. Одлично се сложува со сево ова. Најдете некој поранешен министер, нормално од СДСМ градината, и доволен е еден прстофат. Ова дава посебен шмек!
Важно е многу да мешате, секојдневно и долго, за да не загори. Многу лаги има тука.
Гответе го ова на тивок оган додека не се приближат изборите. Потоа засилете на максимум. Многу е важно да мешате многу и долго, додека на граѓаните не им се заврти во глава. Кога сивата маса ќе стане каша, немојте да престанете, продолжете повторно силно.
Кашата е готова. Тоа ви е накратко врвниот рецепт од кујната на ВМРО-ДПМНЕ за лаги. Пробајте, се подготвува веќе со години. Оваа каша стана специјалитет во Македонија. Ако не знаете сами, секогаш можете да го најдете главниот готвач или некој од помошниците од кујната на ВМРО. ВМРО има многу добри готвачи. Учеа од најдобриот шеф Груевски. Носител на 5 ѕвезди за кражба.
Никому не кажувај: Еве ја тајната за овој рецепт. ИПАРД е фонд на ЕУ. Парите се чисто од буџетот на ЕУ.
Мерка 1 (М1): Инвестиции во земјоделски стопанства (на пр. купување трактори, механизација, изградба на објекти, подобрување на продуктивноста и усогласување со ЕУ стандардите за животна средина, здравје и добросостојба на животните). Се добиваат како рефундација откако вие ќе ги вложите своите пари и ќе докажете дека сè е направено според правилата на ЕУ.
Правилата на ЕУ се многу ригорозни, па кога некој ќе злоупотреби, може да одговара. На пр. директорот, Панкерот и кумовските врски на Мицкоски. Е сега кога е криза, бидејќи полека ЕУ дознава за твоите мали тајни, тогаш го апсиш некој покрај „кумот“ за да не настрадаш ти.