СДСМ: Преку 200 милиони евра влегоа кај граѓаните и во домашното стопанство
До овој момент, Владата предводена од СДСМ осигура да се влеат преку 200 милиони евра кај граѓаните и домашното стопанство. Помошта за граѓаните и економијата ќе продолжи и во следните месеци и веднаш по формирањето на новата Влада, реагираа денес од СДСМ на прес конференцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски која обвини владата за нерационално трошење и за економски колапс.
Од СДСМ велат дека во време на најголемата глобална здравствена и економска криза, задолжувањата беа со една единствена цел – да се осигура непречено функционирање на економијата, редовна исплата на пари кон граѓаните, плати, пензии, социјални трансфери, како и справување со здравствените, но и со економските предизвици од кризата со Ковид-19 вирусот.
„Со обезбедените средства зачувавме над 120.000 работни места со обезбедување на минимална плата за вработените во износ од 90 милиони евра, 30 милиони евра обезбедивме за граѓаните преку платежните картички, со која ја зголемивме приватната потрошувачка а со тоа го подржавме и домашното стопанство. Обезбедивме и речиси 12 милиони евра ваучери за граѓаните со што го поддржавме домашниот туризам и компаниите од туристичкиот сектор, а 13 милиони евра обезбедивме за бескаматни кредити за поддршка на македонските компании од најпогодените сектори, како и 51 милион евра евтини кредити за домашните компании за поуспешно справување со корона кризата“, велат СДСМ во реакцијата.
Во врска со обвинувањата на Мицкоски за пораст на јавниот долг од СДСМ велат дека во 2007 година вкупниот јавен долг бил 1,7 милијарди евра, а во 2016 година, достигна 4,7 милијарди евра, односно 3 милијарди евра повеќе, или 6.000 евра долг по семејство.
„Приходите во јули во буџетот не само што се над сите оптимистички сценарија туку го надминале и износот кој од даноци е наплатен во истиот месец од 2019 година“, велат од СДСМ и му порачуваат на Мицкоски, наместло со економија „да се занимава со решавање на проблемите внатре во сопствената партија“.