СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд против резолуцијата на власта
Денеска СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд против неуставната Резолуција на ДПМНЕ-ЗНАМ усвоена во Собранието, изјави пред судот генералниот секретар на партијата Александар Димитриевиќ.
„Неуставната резолуција е директен напад на слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата во целост, преку цензура.
За која тема од исклучителен јавен интерес? Граѓаните тоа многу добро го знаат, за еден договор со Британија за кој јавноста дозна од британските медиуми, поврзан и со заем од 6 милијарди евра.
Оваа тема никако не може да се третира како создавање паника и како закана за јавната стабилност.
Не може резолуција во Собрание да биде против ‘наративот на опозицијата’ и да се заканува повикувајќи се на кривичен законик, прекршоци и кривични пријави заради искажан збор.
Затоа Уставниот суд, како главен заштитник на Уставот и уставниот поредок, на слободата на говор и правата гарантирани со уставот има обврска да ги заштити и да ја укине резолуцијата“, рече Димитриевиќ.