СДСМ пак побара затворена седница на Собранието, Владата вели дека подготвуваат решение за ЕУ
СДСМ денеска преку претседателот Венко Филипче повторно побара итна затворена седница на Собранието за евроинтеграциите, а од Владата одговорија дека кога ќе биде готово решението како да продолжат преговорите за евроинтегративниот пат на државата, јавноста ќе биде информирана.
Филипче во изјава за медиумите истакна дека во Владата има спротивставени ставови за евроинтегративните процеси на Македонија и, според него, тоа била уште поголема причина за собраниска седница. Лидерот на СДСМ, кој е и пратеник, вели дека има спротивставените ставови на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
„Има многу најави од премиерот за некаква поддршка од некои држави, за менување на преговарачката рамка, нешто што наводно би ја подобрило нашата положба во процесот на евроинтеграции. Меѓутоа сето тоа е обвиено со мистерија и не знаеме никакви детали. Премиерот има обврска тоа да го соопшти, прво пред Собранието, пред народните избраници а понатаму и пред граѓаните“, рече Филипче.
Според него, Мицкоски еднострано го запре евроинтегративниот пат, „за што нема никакво право, ниту политичко, ниту етичко, морално, напротив има обврска пред граѓаните да го продолжи тој пат којшто го очекува огромно мнозинство на граѓаните“.
Филипче истакна дека во Собранието треба да се расчистат овие „дисонантни тонови“, бидејќи тоа е местото каде што треба да се дискутира за иднината на државата и клучните прашања во врска со патот на Македонија кон Европската унија.
„Жалам што неговиот министер Муртезани го демантира во неговите најави и изјави дека наводно има некаква поддршка да се донесат уставни измени со одложено дејство. Самиот министер кажа дека во ЕУ и во ниту една држава нема расположение за таква работа. Овие конфузни изјави мора да се расчистат во Собранието. Мора да знаеме кој е планот на Владата ако воопшто го има и како ние ќе го продолжиме евроинтегративниот пат“, изјави Филипче.
Тој додаде дека СДСМ секојдневно покажува конструктивност по прашањето за продолжување на евроинтегративниот пат на државата, но дека немало одговор од премиерот.
Владата преку портпаролката Марија Митева само кусо одговори дека кога ќе биде готово решението како да продолжат преговорите за евроинтегративниот пат на државата, јавноста ќе биде информирана.
„Не станува збор за нешто што ќе се држи во тајност. Посветеноста на Владата во однос на евроинтеграциските процеси секогаш е отворена пред граѓаните со јасно изразени услови. Кога ќе се создадат услови, јавноста ќе биде информирана“, рече Митева.