СДСМ обвинува за „бизарно трошење пари“ од ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата возвраќа за „Чебрен“


СДСМ објави денес дека во Зрновци „ под капата на ДПМНЕ се случуваат скандалозно, бизарно и нелогично трошење на народните пари“.

-Директорка назначена од ДПМНЕ преку сметка на основното училиште во Зрновци купила гејмерска столица од 9.999 денари, хибриден брич од 6.374 денари и смути блендер.
Општина Штип пак со ДПМНЕ ја тресе афера на кумско-семејна врска во јавните набавки, за набавка на ЈП Исар Штип, вреден 20.000 евра. Кумашинот на градоначалникот е член на Управниот одбор на јавното претпријатија, а таткото на кумашинката на градоначалникот го добива тендерот. Градоначалникот на Кисела Вода од ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски се гледа на слики со скап часовник, кој според јавно достапните информации чини 8.000 евра.Колку пари има заработено граночалникот Орце Ѓорѓиевски штом може да си дозволи луксузен часовски вреден илјадници евра? – шпрашуваат од владеечката партија која секојдневно се соочува со обвинувања за злоупотреба од опозицијата. Сега омилена тема за тоа е „Чебрен“.

Според ВМРО-ДПМНЕ хидроцентралата Чебрен власта ја дава на грчкото електростопанство и дополнително како награда и ХЕЦ „Тиквеш“ со 100 милиони евра профит.

-Во документ од Службен весник од 17 јануари 2020 година е објавена одлуката за почнување на постапка за доделување концесија за изградба на проектот Чебрен. Тука е дефинирана процедурата и условите што ги донела Владата, кога премиер бил Зоран Заев, на седница одржана на 24 декември 2019 година. Во членот 5 од оваа одлука за почнување постапка се дефинирани обврските кои што ги презема државата и вели: Државата на компанијата што ќе ја добие оваа набавка ќе и ја отстапи хидроцентралата „Тиквеш“, која фунционира на Црна Река, три месеци по датумот на старт на изградбата на хидроцентралата „Чебрен“. Значи само што ќе се почне со изградба, после само три месеци „ХЕЦ Тиквеш“ ја добиваат на дланка.

Поништената одлука вели ќе му ја отстапиме  на добитникот ХЕЦ „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне градбата, а во повикот повторно се појавува ХЕЦ „Тиквеш“, но три месеци откако ќе биде завршена градбата. Ова е огромна разлика, бидејќи ако таа градба трае 6 години, а ХЕЦ „Тиквеш“ произведува од прилика 140-150 илјади мегават часови, пазарната цена е некаде околу 120 евра мегават час, помножено со 6 години, ние добиваме сума од 100 милиони евра.

Во записникот од седницата на владата, одржана на 14 септември 2023 година, во која што се избира, сега три ипол години подоцна, се носи одлука, каде што се избира најповолен понудувач и така е дојдено до компанијата, која што на јавноста кај нас е позната како ППЦ-Архиродон груп, односно грчкото електростопанство. Владата во таа одлука, се повикува на Службен весник број 13 и број 33. Тоа се двата службени весници, каде што еднаш ја дава „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне градбата, а вториот пат ја брише.Ова треба да го разјаснат институциите на државата веднаш, бидејќи во прашање се 100 милиони евра државни пари, за кои граѓаните не знаат зошто и каде ќе завршат, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ,пак, возвратија со оценка дека Христијан Мицкоски или нема познавање или свесно кажува невистини за Чебрен и зборува за некакви скандали. Според нив скандал е тоа што владата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година го доделила „Тиквеш“ на приватниот инвеститор токму три месеци по добивање на одобрението за градба на ХЕЦ Чебрен, додека СДСМ, со интервенција во Одлуката за започнување на постапката за доделување на концесија го внесува „Тиквеш“ во заедничка компанија три месеци по пуштање во работа на ХЕЦ Чебрен.

-Тоа е суштинска и огромна разлика. На овој начин Владата на СДСМ заштедува 100 милиони евра, пари на граѓаните.Односно, токму Владата на ДПМНЕ и Никола Груевски, на кого Мицкоски му беше советник за енергетика, 100 милиони евра сакала да му поклони на приватниот инвеститор. Добро е што Мицкоски индиректно го признава ова, но треба да се извини на граѓаните и да ја каже вистината таква каква што реално е, бидејќи се очекува да ја знае и како советник за енергетика и како поранешен директор на ЕСМ, тогашен ЕЛЕМ.

ДПМНЕ 11 пати објавуваше тендери за Чебрен за реализација и не успеа. СДСМ направи успешна постапка со што овој огромен и значаен проект вреден преку  една милијарда евра ќе се реализира, а ЕСМ ќе биде сопственик од 33% со што парите за инвестицијата треба да ги обезбеди во целост приватниот партнер. Со изградбата на Чебрен се зголемува енергетската независност на државата се прави и голем чекор кон заштита на животната средина, порачаа од СДСМ.