СДСМ: Новиот директор на АНБ е незаконски и опасен

Медиумите во регионот шпекулираат дека промените во безбедносниот сектор ќе ја направат Македонија „Северна Кореја“


Од СДСМ денеска реагираа на назначувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, што според нив е спротивно на законот и е сигнал дека  ВМРО-ДПМНЕ спроведува „опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции“.

„Нов директор на Агенцијата за национална безбедност е всушност претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган.

Целта на овие законски одредби е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото.Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ.

Дури и да се има формално повлечено од партијата, фактот дека до неодамна извршувал висока партиска функција е јасен показател дека ова решение е чисто партиско, непрофесионално и спротивно на Законот и на меѓународните стандарди, особено оние на НАТО. Мицкоски и ДПМНЕ го враќаат времето на директни злоупотреби на безбедносните служби во партиски цели. Граѓаните многу добро знаат како злонамерно беа користени како класична политичка служба за прислшкување, следење, но и  дискредитирање, уценување и малтретирање на политичките противници и сите други кои не им беа по волја на режимот на ВМРО-ДПМНЕ“, порачуваат од СДСМ.

Според нивна оценка АНБ во изминатите години се реформираше и професионализираше, а со овој чин власта на Мицкоски врши сериозен удар и врз професионализмот и врз безбедноста.

„Сега Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што спроведуваат опасна партизација, ги загрозуваат стандардите на професионализмот, туку ја доведува во прашање и безбедноста на државата. Прашуваме  како Христовски воопшто ја поминал безбедносната проверка? СДСМ се противи на оваа политизација на безбедносните служби и бараме власта да го повлече ова незаконско назначување. Христовски треба да биде разрешен и да биде назначен нов директор на АНБ.

За ова СДСМ ќе ги извести нашите стратешки партнери, земјите членки на НАТО преку нивните амбасасади и Европската комисија.  Мора да се заштити професионализмот и АНБ да биде во функција на заштита на државните интереси, а не на интересите на поединци и партиите на власта. Безбедноста на граѓаните и државата мора да биде над партиските игри и интереси!“, велат од СДСМ.

Медиумите во соседните земји деновиве наголемо се занимаваат со случувањата во нашите безбедносни служби, особено по двете писма од Агенцијата за разузнување во кои се тврди дека промени се прават по налог на Москва и Белград и дека Македонија се подготвува да стане Северна Кореја.  Именувањето пак на Бојан Христовски од директот за паркинзи за прв човек на АНБ се споредува со именување на руски директор на железниците во директор за женски спортови со констатација дека само во Македонија и во Русија има вакви именувања во стилот „Алиса во земјата на чудата“. 

Владата се уште не објави образложение за одлуката, зошто е разрешен претходниот директор Зарко Милошевски на половина мандат и кои се причините за избор на Христовски кој претходно ја вршеше функцијата претседател на скопскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Кој е Христовски?

Христовски е поранешен припадник на УБК кој по формирањето на новата АНБ не беше вработен  во Агенцијата откако не му беше издаден безбедносен сертификат. Образложението за одземање на сертификатот беше учество на неговиот татко во протестите против Преспанскиот договор и сомнежи за руско влијание. И Христовски и неговиот татко ги негираа обвинувањата и тврдеа дека се измислици на поранешната власт за да го елиминираат од службата.Христовски потоа поднесе тужба за одземањето на сертификатот, а Управниот суд донесе одлука дека му е одземен незаконски и тој повторно го доби по што доби со друга судска одлука е вратен на работа во МВР. Вработените во МВР исто така не смеат да бидат партиски членови.

Христовски беше и директор на Јавното Претпријатие Градски Паркинг во Скопје, а позицијата ја напушти по разделбата на ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска. Во февруари 2023-та, Христовски е избран за претседател на Градскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје со што автоматски стана и член на партискиот централен комитет.По изборите стана советник на директорот на Бирото за јавна безбедност во МВР по што вчера е промовиран и назначен за нов директор на АНБ и покрај стриктната законска забрана за партиски членови или членови на партиски тела бидат поставени на највисоката позиција во тајната служба.

Во членот 10 од Законот за АНБ стојат условите за избор на нов директор во кои децидно е наведено дека директор на Агенцијата задолжително не треба да биде член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија и да има безбедносна проверка која сќе утврди дека  не постои безбедносен ризик за негово именување.

Аларм во безбедносните агенции

Инаку, вработените во Агенцијата за разузнување деновиве ги алармираа странските амбасади и медиумите тврдејќи дека премиерот планира да ги укине Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и да воспостави нова партиска служба.

„ Во тимот кој го крои планот и законот за новата безбедносна служба, која според програмата треба да се вика Агенција за безбедност, е и  Гордана Јанкуловска – осуден криминалец, дел од црното минато на Македонија, виновник за многу пропаднати фамилии и зацрнети судбини на македонскиот народ. Некогашна десна рака на лица кои се на црната листа на САД. Истата го пишува новиот предлог закон по сличен обид од 2010 година кога сакаше да ги спои службите. Покрај тоа активно одработува за моменталната влада сиви активности, забележана е во повеќе градови како се среќава со лица од подземјето“, стои во писмото. Според нив и другите инволвирани во „реформите“ се криминалци и бандити и дека новиот закон што го пишува Гордана Јанкуловска во суштина не предвидува никаква реформа освен тотална контрола од страна на премиерот, поставување партиски кадри, одземање на ингеренциите на претседател и укинување на сите операции на Агенција за разузнавање. Наедно, тврдат тие, се планира бркање на 70% од АР и 70% од АНБ од моментално вработените лица.

„Апелираме и до сите вработени професионалци во АНБ и АР, активно да одбиваат усни наредби, а писмените наредби кои водат до кривични дела да ги пријавуваат во обвинителство. За жал Македонија во моментов е тотално инфилтрирана од страна на Русија и Кина преку три сателит држави. Ние знаеме дека премиерот има резервни држави и уште од сега си има план како неговиот претходник да бега кај својот работодавец во Белград или Москва доколку за тоа има потреба. Жално е што го лаже своето членство, а во позадина сака да постави лица кои работеле и против интересите на Македонија, а и против неговото партиско членство“, се оценува во писмото.

Според нив, партиски „дилетанти како Владимир Нелоски и Игор Јанушев, упорно вртат по амбасади барајќи поддршка за одредени лица, вклучително и заменик директорката на АР“.

„Јавно ве информираме дека немате поддршка од ниедна западна земја. Напротив, ви ги знаат сите фирми и шеми преку кои планирате да ги перете парите за локални избори. Подобро ќе биде да им објаснете колку пари за консултантски услуги ќе добие жената на Нелоски? Или можеби новата фирма на озогласениот осуден криминалец Миле Јанакиески МЈКонсалтинг? Тоа ги интересира на нашите стратешки партнери, а не да вртите барајќи услуги за вашите швалерки“, стои во писмото, прашувајќи: Дали и се заканивте на Гордана Силјановска со импичмент кога се бираше новата заменик директорка на АР, иако таа не исполнува услови за тоа место?

Тие на крајот ја повикаа претседателката Гордана Силјановска, да се разбуди од зимскиот сон и да се спротивстави на лошите одлуки поврзани со АР и безбедносниот сектор во Македонија.

Мицкоски го нарече неправда одземањето на безбедносниот сертификат на Христовски

Премиерот христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата за некомпетентност на Христовски оценувајќи дека тоа што му бил одземен безбедносниот сетрификат – било неправда од претходната власт.

Според негова оценка, Кога се трансформираше УБД во АНБ  се правела селекција на кадрите при што некои тогашни структури ги „профилирале луѓето наштетувајќи им со лажни вести и клеветнички дописи“. Жртва на таа неправда, според премиерот бил и Христовски, кој како што рече речиси целиот работен век го поминал во безбедносниот сектор, на кој му е вратен сертификатот за безбедност и не гледа зошто да не биде именуван за прв човек на АНБ. Тој не го спомена воопшто фактот дека Христовски бил висок партиски функционер и политички активен во ВМРО-ДПМНЕ иако еден од условите за функцијата е – дека не смее тоа да биде.место тоа Мицкоски се закани дека во наредниот период ќе изнесе во јавноста како АНБ се злоупотребувала за партиски и лични цели и дека тоа е причината што некои кадри таму се плашат од промените.(Н.В.)