СДСМ нема да ги поддржи интерпелациите од ДУИ за Меџити, Тошкоски, Исени и Стоиљковиќ
СДСМ денеска на првата седница на новиот состав на Извршниот одбор донесe одлука да не ги поддржи интерпелациите поднесени од страна на ДУИ.
„Во однос на поднесените интерпелации од политичката партија ДУИ, Извршниот одбор заклучи дека нема да ги поддржи и гласа за овие интерпелации. Тие не претставуваат решение за кризата во овој момент и може да значат нови поделби по етничка основа. Потребен беше поинаков пристап, да се седне на лидерска средба и да се упатат заеднички пораки за смирување на тензиите затоа што тој пристап е базиран на политичка зрелост, но власта тоа го одби“, вели СДСМ.
За СДСМ загрижувачки се тенденциите за влошување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и растечките тензии во општеството со загрозување на меѓуетничките односи. Оценка на Извршниот одбор е дека неприфаќањето на лидерската средба од страна на власта испраќа лош сигнал и ја потврдува тезата дека очигледно партии на власт и ДУИ немаат интерес од стабилизација, што е многу опасно за државата.
СДСМ остро се спротивставува на секој предлог за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години. Според партијата, таквиот чекор претставува директен удар врз работниците, нивното достоинството и труд.
„Станува збор за продолжување на погрешните политики за систематско потценување и експлоатација на трудот на граѓаните и работниците од страна на Владата предводена од ДПМНЕ. Наместо да обезбедат покачување на платите и подобри услови за работниците, власта сака на мала врата да протне мерки кои ќе ги примораат работниците да работат подолго само за да се финансираат трошоците од нивните популистички потези. Ваква мерка ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.
Политиките на СДСМ во изминатите години го стабилизираa Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и значително ја намали финансиската дупка, дефицитот од 43% се намали на 33%. Сега ДПМНЕ спроведува погрешни политики со кои ja загрозува одржливоста на Фондот, го зголемува дефицитот“, велат од партијата.