СДСМ: Нема да бидеме параван за пропаднатите политики на ВМРО-ДПМНЕ


СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и нема да ја кочи иднината на земјата и граѓаните за своја политичка корист, но нема ни да биде параван на пропаднатите политики на Христијан Мицкоски, порача денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на народниот собир во с. Селце, Прилеп, кој традиционално се одржува по повод Денот на народното востание, 11 Октомври.

„Слушам дека бараат конструктивност од опозицијата. Велат ќе сме биле вклучени во одлуките. Сакам јасно да им порачам, СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и нема да ја кочи иднината на земјата и граѓаните за своја политичка корист. Но, едно да биде јасно, СДСМ нема да наседне на нивните манипулации“, изјави Филипче.

Во обраќањето Филипче посочи дека СДСМ ќе даде поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи.

„Ако очекуваат дека СДСМ наивно ќе даде поддршка на идеи кои значат понатамошни блокади, решенија во кои никој не верува освен тие самите во Белата палата, тогаш се излажале. Ние нема да бидеме параван за нивните пропаднати политики. Нека покажат лидерство, нека покажат храброст и најважно од се, нека покажат искреност“, потенцираше Филипче и додаде дека доколку ВМРО ДПМНЕ не понуди реални решенија, СДСМ нема да биде соучесник.

„Нека понудат реални решенија околу кои може да се обединиме. Ако не, нема да бидеме соучесници во нивната пропаст“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој исто така порача дека Владата на ВМРО ДПМНЕ симболично ги зголеми платите на наставниците, што е далеку од потребното зголемување и тоа не е достоинствено решение.

„Владата требаше законски да ги качи платите за 12%, но што направи? Обезбеди само 5% и тоа под притисок на јавноста и на нашата партија. Ова не е достоинствено решение. Ова е обид да се смири револтот со симболично зголемување кое е далеку од потребното за нашите наставници“, изјави Филипче.Кога СДСМ беше на власт, ние се грижевме, им дававме поддршка и ги покачувавме платите постојано и најважно тоа го правевме по закон и договор. Оваа влада не ги почитува тие што ја градат иднината на нашите деца“, посочи Филипче.

Според него, никогаш досега Македонија не била толку изневерена од својата власт, никогаш досега не немало толку празни ветувања и лаги, како сега од ВМРО-ДПМНЕ и нивната измама на последните избори.

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ станаа заложници на своите лажни ветувања, а со тоа ја држат во заложништво и Македонија“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Притоа, тој го повика премиерот Христијан Мицкоски да ја обезбеди најавената поддршка во ЕУ, за неговиот предлог уставните измени да се применат со одложено дејство.
 
Премиерот најавува дека има некаква поддршка од некои земји членки во ЕУ, не од сите, а таму знаеме дека одлуките се носат со консензус, дека наводно за нив е, прифатливо да има уставни промени со одложено дејство. Ние упативме отворен апел, повик, да има собраниска седница на која премиерот ќе каже кои се тие земји кои нѐ поддржуваат со тој негов предлог, зашто Собранието е тоа кое носи одлуки и тоа е местото каде се креираат такви политики. Во таа смисла, очекуваме премиерот да каже кои се тие земји, која е таа поддршка, меѓутоа истовремено имаме предвид двајца луѓе кои го демантираат премиерот во тие најави. Прво, неговиот министер за евроинтеграции, Муртезани, кој кажува дека таква работа е неприфатлива за Европската Унија и амбасадорот на ЕУ во нашата земја, господинот Рокас, кој го кажа тоа истото. И, да бидам конкретен, очекуваме премиерот да ја обезбеди таа поддршка, која се обезбедува со консензус во Европската Унија, дека таму ќе прифатат да има уставни измени со одложено дејство и кога тој ќе го обезбеди тоа, ние апсолутно тоа ќе го поддржиме, изјави Филипче.
 
Според претседателот на СДСМ, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ не само што не ја подобрила преговарачката позиција, како што се најавуваше, туку ситуацијата се влошува, а краен епилог е одвојувањето на Албанија од Македонија на патот во ЕУ.
 
„Ние, за жал, во изминатиов период не гледаме ништо конкретно, никаков обид да ја подобрат нашата преговарачка позиција. Напротив, гледаме само влошување на ситуацијата, влошување на билатералните односи, прво со Грција, а потоа и со Бугарија и, за жал, одлука да ние се одвоиме на патот за Европската Унија од Албанија поради тоа што, очигледно, во нас не гледаат никаков напредок во ЕУ. Притоа, меѓувладината седница која сега ќе ја одржи Албанија ќе се случи на 15 октомври, за само два дена. Таква седница, на истиот датум ќе имавме и ние да имавме малку поодговорна власт, изјави Филипче.
 
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со порака дека најновата критика за зголемувањето на платите на наставниците „е уште еден пример за тоа како СДС продолжува да ги манипулира фактите“. 

 

„ВМРО-ДПМНЕ ја зголеми платата на наставниците за 5% веднаш, а до крајот на мандатот за 50%, наспроти сите економски предизвици со кои се соочува државата, голрм дел заради криминалот и неодговорноста на Филипче и таквите како него во СДС и ДУИ додека ја водеа државата.  Ова е чекор во вистинската насока за подобрување на стандардот на наставниците и плановите за понатамошни зголемувања веќе се во изработка. СДС го игнорира фактот дека токму нивната влада, кога тие беа на власт, ги остави наставниците со минимални зголемувања, ветувања без реализација и со сериозни проблеми во образовниот систем“, порачаа од партијата.