СДСМ не се откажува од законот за бранители, наскоро ќе ги каже следните чекори
СДСМ во следните денови ќе излезе со информација што ќе преземе за законот за бранители којшто е поднесен од пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска. Од СДСМ велат дека не се откажуваат од носењето на овој закон.
– Вчера имавме координација на пратеничката група, разговаравме за идните чекори за законот за бранители. Во следните денови ќе излеземе во јавност со сето она што ќе ги преземеме во однос на овој закон. Не се откажуваме во однос на донесувањето на законот за бранители, изјави денеска Јована Тренчевска на прес-конференција во Собранието.
Претходно, политичката партија Левица соопшти дека денеска поднела кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши заради законот на бранители.Пратеникот Сашко Јанчев на прес-конференција во Собранието рече дека кривичната пријава е поднесена поради тоа што Гаши несовесно постапил во однос на своите овластувања и направил кривично дело против службената должност.
Законот ја доби поддршката во Собранието да оди по скратена постапка. Откако претседателката на Комисијата за социјална политика, млади и демографија Илире Даути не го стави законот на дневен ред, претседателот на Собранието во неговото образложение посочи дека нема ингеренции да назначи друг член за да се одржи седницата затоа што Даути ја свикала седница согласно роковите.