СДСМ: На површина излегоа скандалозни закани и навреди меѓу Арсовска и Мицкоски


 

Социјалдемократскиот сојуз денеска соопшти дека со последното интервју на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на површина излегле страшни и скандалозни закани и навреди меѓу неа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Арсовска изјави за Канал 5 дека Мицкоски ѝ рекол „Од првиот момент кога ќе станам премиер, ќе те влечеме по улици“, а ВМРО-ДПМНЕ побара таа да доставела лекарски доказ дека е психички здрава личност.

„Наместо за граѓаните, наместо за проекти, граѓаните слушаат закани, навреди, едно ниско, разочарувачко ниво. Ова е само уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ не е поместено ниту еден милиметар од насилничката матрица која 11 години ги тероризираше граѓаните и државата. Ако Мицкоски сега како шеф на опозициска партија се заканува на актуелен градоначалник, може да замислиме како тој ќе постапува ако по некоја случајност добие шанса да предводи централната власт.

Ете што ги чека граѓаните со Мицкоски. Закани, насилство, навреди, влечење по улици, ништо добро. И додека Арсовска и Мицкоски меѓусебно се обвинуваат, се закануваат и се клеветат, СДСМ ги решава проблемите на скопјани“, изјави на прес-конференција портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.