СДСМ: Мицкоски ќе ги штити дивоградбите. А и Орце со него


Фото: Б. Грданоски

 

ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски уште еднаш го покажаа вистинското лице, заштита на криминалот со дивоградбите во Чаир и урбаното дивеење, велат од СДСМ.

Мицкоски вчера изјави: „Мојата филозофија е да градам, а не да уривам“, прашан за уривањето на дивоградбите што го спроведува албанскиот премиер Еди Рама во неговата земја.

„Со изјавата дека нема да го следи примерот на албанскиот премиер Еди Рама и нема да руши дивоградби во Чаир, Мицкоски јавно призна дека нема намера да стави ред во хаосот со бесправната градба во Скопје туку и понатаму ќе ги штити.

Ова е истата матрица која веќе ја гледаме години наназад: Орце Ѓорѓиевски, Мицкоски и нивните градоначалници се дел од проблемот, а не од решението. 

Наместо да се справат со криминалните дивоградби, тие ги легализираат и охрабруваат, создавајќи уште поголем урбан хаос, уништувајќи паркови, јавни површини и го загрозуваат квалитетот на живот на граѓаните.

СДСМ веќе предупреди: глас за Орце и ДПМНЕ е глас за претворање на Скопје во дивоградба“, вели опозициската партија во соопштение.