СДСМ: Мицкоски да каже дали летал со бизнис класа за Вашингтон


СДСМ прашува дали македонскиот премиер Христијан Мицкоски патувал на Самитот на НАТО за Вашингтон во луксузна бизнис класа со карта која чини над 4.000 евра. Според информациите до кои дошол СДСМ, Мицкоски летал со луксузна класа и уште еднаш го повикуваат да ги покаже пред јавноста сметките од направените трошоци.

„Денес го прашуваме јавно, дали е точно дека тој за САД патувал со бизнис карта вредна над 4.000 евра на сметка на граѓаните? Ако е точно, да излезе и да објасни за тоа уште еднаш што претставува душманско трошење на парите на граѓаните. Додека во кампањата имаше уста полна одговорност и транспарентност, сега гледаме расфрлање, фамилијарни прошетки за САД во бизнис класа и буквално никаква грижа за граѓаните.

СДСМ очекува во најкус рок Владата и Мицкоски да ги објават сметките и трошоците за ова патувања затоа што граѓаните мора да знаат колку пари платиле за прошетките на Мицкоски и министрите“, реагира опозициската партија.

ДКСК инаку му даде рок на Мицкоски до крајот на месецов да ги достави сметките од патувањето во Вашингтон и составот на делегацијата.