СДСМ: Мерките на Владата за намалување на цените немаат ефект


Богданка Кузеска

 

Опозициската СДСМ денеска изјави дека целата акција на Владата за намалување на цените на основните производи се покажала неефикасна.

„По само неколку недели од воведувањето, анализите покажуваат дека владината мерка за намалување на цените на основните производи е целосно неефективна. Голем дел од цените не се намалени, некои се намалени минимално, а за некои производи цените дури и се зголемени.

Оваа мерка се покажа како голема измама на Владата, која очигледно ги штити трговците, а не граѓаните. Според реалните теренски анализи, освен ПР кампањата на Владата со налепници ‘загарантирана цена’ во маркетите, ништо друго не се променило“, рече портпаролката Богданка Кузеска на прес-конференција.

Таа уште додаде:

„Економистите со право ја критикуваат Владата за неуспешната економска политика. Никој не препознава план или знаење кај оваа Влада да го подобри стандардот на граѓаните ниту да ја зајакне економијата.

Додека граѓаните живеат сè полошо, Владата одбива да ја зголеми минималната плата на 450 евра. Со потсмев им вели на граѓаните „да почекаат, ќе бидат задоволни“. Чекаат работниците за повисоки плати, а граѓаните за ефективни мерки за намалување на цените.

Наместо да манипулира со лажни кампањи, Мицкоски треба да се охрабри и да ги продолжи добрите политики на СДСМ. Јасно е дека нема економски концепт и дека со неговите политики сите осиромашуваат“.