СДСМ ја повика ДКСК да се изјасни за сертификатите на Христовски


СДСМ денес ја повика ДКСК што побрзо да се изјасни за лажните сертификати ( не само за англиски туку и безбедносните) на новоименуваниот директор ба АНБ, Бојан Христовски.

„Се потврди уште една информација за која СДСМ денови наназад ја информираше јавноста: Поставувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ не само што е груба партизација, туку е и целосно незаконска постапка.СДСМ со денови предупредуваше, а денес се потврди дека сертификатот за англиски јазик на Христовски е лажен и дека центарот во Пловдив – Бугарија каде што тој тврди дека го добил, не постои. Покрај тој сертификат, СДСМ тврди дека Христовски нема ниту безбедносни сертификати ниту доволно работно искуство на раководни позиции, што е предуслов за назначување на позицијата директор.

Сите овие законски прекршувања кои ги прави Мицкоски со назначувањето на целосно некомпетентен човек, без соодветни квалификации, ја потврдуваат тезата за опасна партизација на АНБ. Од овие причини, потребно е итно повлекување на Бојан Христовски и започнување истрага за овој упад во АНБ кој го наметнува Мицкоски.

Го повикуваме ДКСК итно и во најкус рок да се изјасни и да ги потврди наодите на бугарските медиуми, први објавени од СДСМ. Христовски не смее да остане на чело на АНБ, и бараме достоинствено да се повлече, стои во реакцијата на СДСМ.

Во медиумите веќе неколку денови се известува дека поради лажни  дипломи од истото јазично студио Јулија, министерот за внатрепшни работи Панче Тошковски има поднесено кривични пријави а тие директори се разрешени, додека за Христовски Владата упорно молчи.