СДСМ: Измислен судир ЗНАМ–ДПМНЕ, бегаат од темата со мигрантите
Поминаа две недели откако во британските медиуми изби скандалот дека ВМРО-ДПМНЕ договара прифаќање мигранти во Македонија, а досега нема ниту еден став од ЗНАМ за оваа тема, сметаат од опозициската СДСМ.
– Молчат. Не кажуваат ниту збор. И за Резолуцијата не се произнесоа, исто како и нивниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ. Но, вчера видовме реакција на ЗНАМ за изјави на Милошоски. Ова е толку провидно сценарио – измислен судир меѓу ЗНАМ и ДПМНЕ, само за да се побегне од темата со мигрантите. Класичен дефокус: отворање неважни и вештачки наметнати теми во јавноста, додека зад грб се носат мигранти за пари во Македонија – додаваат од таму.
Ова се случува, на мислење се од СДСМ, затоа што нема пари во буџетот. Нема пари за плати, пензии, социјална помош, поврат на ДДВ, па дури и трезорот се затвора порано. Финансискиот систем е пред колапс. Зошто? Поради тендерските шеми и семејните бизниси со кои се пумпаат пари од граѓаните. Исто како во времето на Никола Груевски.
Додаваат дека сè ова е смислено, намерно да се влезе во некаков конфликт, за утре полесно да можат да распишат избори, по терк на Орбан и Вучиќ. Ништо не е случајно – тие знаат дека во јуни следуваат мигрантите.