СДСМ: Изборот на в.д. државната обвинителка е доказ дека власта сака контрола


Изборот на Анита Тополова-Исајловска за вршител на должноста државен јавен обвинител е уште еден доказ дека власта на премиерот Христијан Мицкоски брза да го стави под свои канџи обвинителството и судството е  став на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ). Според СДСМ, целта на ваквата одлука е целосна контрола над обвинителството и погребување на правдата за спас од одговорноста за криминалните тендери.

„Анита Тополова-Исајловска е позната како обвинителка која бараше да се укине предметот ‘Талир‘, во кој беше обвинет и Никола Груевски, а се однесуваше на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е сопруга на Илија Исајловски, поранешен заменик-министер од ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ. Затоа, како што додаваат оттаму, на сите треба да им е јасно што се случува.

„Исто како во времето на Груевски. Нема да ви помине, сите ќе одговарате. Работата не е завршена“, пишува во соопштението од опозицијата партија.

Анита Тополова-Исајловска е избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител на вчерашната седница на Советот на јавни обвинители, на која таа беше единствен предложен кандидат.Името на обвинителката Тополова-Исајловска се споменуваше минатата година кога како јавна обвинителка во Републичкото јавно обвинителство од Врховниот суд бараше да падне обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Талир“.

Според неа, ни 106-те снимки од прислушуваните разговори не требаше да се третираат како докази во судскиот процес затоа што актуелниот Закон за јавно обвинителство предвидува тие да послужат само како индиции за обвиненијата поднесени по 30 јуни 2017 година. Обвинението за „Талир“ е поднесено во ноември 2018 година.  Таа во јуни 2024 година го потпишала барањето за вонреден правен лек (барање за заштита на законитоста) за предметот „Талир“, по иницијатива на еден од обвинетите во него.  

Инаку, според ставот 4 од членот 25 на Законот за јавното обвинителство, вршителот на функцијата треба биде определен од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.Тој што ќе биде определен функцијата ќе ја врши до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.