СДСМ: Граѓаните повеќе им веруваат на приказните на Барон Минхаузен отколку на ВМРО- ДПМНЕ


Опозициската СДСМ денеска преку соопштение до медиумите ја обвинии владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека ја дефокусира јавноста од главните и суштински теми.

Во овие главни теми, СДСМ ги посочува резолуцијата со која, како што велат,  се има за цел забрана на слободата на говорот, и е напишана од Ванчо Михајлов и Христијан Мицкоски, соработници на Александар Вучиќ, потоа, темата „мигранти за пари“, темата „Алта банка“ и како што велат, криминалот што ја следи банката која е поврзана со Вучиќ во Србија и на Христијан Мицкоски во Македонија. Тука се и темите за загадениот воздух, колапсот во ЕСМ и многу други важни теми кои директно го засегаат животот на граѓаните во Македонија.

Наспроти ова, како што се додава во соопштението „кујните на ДПМНЕ“, пласирале нарачани лажни истражувања за наводно феноменалниот рејтинг на партија која се соочува со најголемата криза во својата понова историја, потоа текстови за Зоран Заев, кој веќе пет години е во политичка пензија, напади врз „старите кадри“ на СДСМ – добро е што тие не мора да се правдаат, бидејќи за ДПМНЕ сите се „стари“, почнувајќи од Груевски, текстови дека ДУИ земал некакви тендери во Лотарија, што вештачки се лепи за СДСМ, како и поднесување измислени кривични пријави.

Од СДСМ им порачуваат на ВМРО-ДПМНЕ, „слободно да пишуваат глупости“.

„Народот повеќе им верува на приказните на најголемиот лажго во историјата – Барон Минхаузен, отколку на вашите бајати, запрашени текстови и на новите стратегии на вашиот газда од Белград“, велат од СДСМ, истовремено барајќи владејачката партија да им даде одговори на граѓаните за тоа кога биле закажани изборите за да може да ја завршат, како што велат нивната измама и да ги донесат мигрантите, потоа колку вкупно тендери наместиле, дали се плашат од санкциите од САД кои доаѓаат за корупција и криминал на Балканот, дали во буџетот недостасува една милијарда евра и што навистина стои зад договорите за кредитите од Велика Британија?

„Тоа ги интересира граѓаните, а не будимпештанските и белградските бајки. Сè ова е веќе видено“, велат од СДСМ.