СДСМ: Градоначалниците на ДПМНЕ трошеле астрономски суми за набавка на машини


 

Нова афера со сомнителни јавни набавки со цени над реалните ги тресе градоначалниците на ДПМНЕ. Според јавно достапни податоци, општина Битола набавила машина за бележење хоризонтална сигнализација за речиси 50.000 евра, иако вакви машини може да се најдат и за 2-3 илјади евра, па дури и помалку. Станува збор за разлика од 47.000 евра, се вели во партиското соопштение од СДСМ.

– Иста таква машина набавила и општина Велес по исто така астрономска сума од 42.000 евра. Разлика од речиси 40.000 евра. Прашањето е во чии џебови завршила разликата? Особено имајќи предвид дека општина Илинден набавила иста таква машина по три пати помала цена од оние во Велес и Битола. Ако е ова шема за испумпување народни пари преку општините водени од ДПМНЕ мора да има одговорност – велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со порака дека машините набавени од Битола и Велес се најсовремени и  ако тоа е криминал, тогаш зошто СДСМ молчи за Центар и Струмица кои набавиле исти такви машини.

-Набавката на машините за бележење на хоризонтална сигнализација во општините Битола и Велес е според сите законски норми и прописи. Машините се произведени од најреномираната фирма во областа GRACO од САД, и истите се најдобри во својата област.Дезинформација е дека за 2.950.000 денари е набавена една машина. Вистината е дека се набавени две машини.

Постапката на јавната набавка е извршена во согласност со ЗЈН и договорот е доделен на фирмата која ги задоволила потребните технички  критериуми и останати услови предвидени во тендерската постапка. На јавната набавка во Битола не се јавила фирмата JUNDA Made in China, но и да се јавела немало да и биде доделен договор, бидејќи истата не е со сопствен погон (односно самоодна, параметар што исто така е важен и секако ја зголемува цената на чинење, но и тој за жал е предмет на потсмев и манипулација).

Чудно е зошто СДС нема прес конференција и за општина Центар и Струмица кои исто така имаат набавено машини од истиот производител. Ако тоа е криминал, тогаш треба да реагираат и за овие општини, каде градоначалниците се од нивната партија, порачаа од опозицијата.