СДСМ го повика обвинителството да отвори случај за петте тони дрога


„Во соседна Србија е запленета огромна количина од 5 тони дрога, која дошла преку Македонија, а меѓу уапсените има и косопственик на македонска фирма. Ова е огромен криминален, картелски скандал за кој мора да има одговорност“, рече на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар (Саша) Димитријевиќ. 

Според него клучното прашање на кое власта мора веднаш да одговори е: Како 5 тони дрога поминале преку македонската граница?

-Кој дозволил 5 тони дрога да се прошверцува? Без поддршка и заштита од структури во власта, криминал од вакви размери не може да се случи.Ова не е инцидент – ова е систем.

Како е можно во држава со „Безбеден град“, со камери и скенери на граничните премини да поминат 5 тони дрога? Или ова е толку добро организирана картелска мрежа поврзана со сѐ и никој ништо не ѝ може? Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога се пренесени преку македонските граници, без да бидат откриени?

СДСМ со денови алармира за директна поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија, но наместо одговори, молк. Дали 5 тони дрога се доволни за Обвинителството конечно да реагира? Ќе поведе ли истрага за овој случај или повторно гласот не допира за скандалите и криминалот на власта?, порача Димитријевиќ.