СДСМ го обвини Мицкоски што немаме причина за славење по самитот на ЕУ

По одлуката на ЕУ да им даде преговори на Украина и на Молдавија, Македонија уште еднаш се соочува со можноста да се најде на опашката на евроинтеграцијата и моментумот што го имаше со Унијата да биде целосно загубен. Од СДСМ за тоа денес ја обвинија опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Левица, нарекувајќи ги единствени кочничари на европскиот пат на Македонија. Антонио Милошоски пак од ВМРО-ДПМНЕ, во недостиг на аргументи за неостварувањето на главната стратегиска цел на Македонија ја обвини одново ЕУ, бидејќи според него проширувањето од политика на заслуги го трансформирала во „буџетско-политичка трговија“. Она што е битно сепак е дека други слават, а ние не, и тоа трае веќе трета деценија.
-Иако целосно успешно го завршивме процесот на скрининг во изминатата година и половина, иако постои подготвеност за проширување на ЕУ, иако нема нови услови за нас, поради блокадата на ДПМНЕ и Левица во македонското Собрание земјава не го продолжи отворањето на поглавјата.
Можеше нашата татковина и сите нејзини граѓани да бидат најголеми победници, да продолжиме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ. Христијан Мицкоски по кој знае кој пат ги стави своите лични лични интереси пред интересите на македонскиот народ и граѓаните кои живеат во Македонија. Oд партија поддржувач на евроатлантските интеграции Мицкоски ја претвори ДПМНЕ во најголем кочничар на нашите интеграции.ДПМНЕ како политичка партија целосно ја загуби есенцијата на своето постоење, ја загуби ориентацијата и се сврти кон проблематични проруски идеологии. Со ДПМНЕ и Левица нема ЕУ, има изолација, неизвесност и стагнација.
Покрај деструкциите на Мицкоски и на ДПМНЕ натамошна поддршка од европските лидери за трасираниот пат на Македонија кон Унијата е силна. Тоа е многу јасно наведено и во заклучоците на ЕУ. Граѓаните ова ќе го имаат на ум за изборите. Антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица ќе биде поразена.Победата на европскиот фронт ќе значи продолжување на европскиот пат и членство во ЕУ до 2030 година. Македонската иднина е европска и тоа е можно само со СДСМ, порачаа од владеечката партија.
Милошоски пак ја нарече одлуката за Молдавија и Украина геополитички подарок.
– Со цела почит кон Украина и Молдавија, но оваа одлука за почеток на преговорите за членство повеќе личи на геополитички подарок, отколку на заслужен чекор врз основа на постигнати реформски стандарди или унапредени добрососедски односи. Со ваквата одлука се потценуваат децениските напори на сите земји од Западниот Балкан, на кои ветувањата за европска перспектива дадени уште на Солунскиот самит 2003 година денес со право им изгледаат како излитени фрази. Дополнително, со ваквите одлуки се потврди дека доколку повлијателните членки на ЕУ сакаат да донесат одлука за почеток на преговорите со земји како Македонија или Албанија, тоа можат да го решат во рок од 8 часа, без разлика дали внатрешниот формален кочничар се вика Бугарија или Грција. Но, таква политичка волја очигледно нема, ни изјави Милошоски.
Според него, примерот на 12-годишните преговори кои ги водат Црна Гора и Србија, а не се стигнати до никаде, најдобро покажува дека со нашиот регион дел од членките на ЕУ сакаат поцврсти врски, заеднички проекти, интеграција до одреден степен, но не и полноправно членство. Притоа го повтори партискиот став за уставните измени.
-Треба да бидеме претпазливи кон барањата за уставни промени и да имаме јасен државен став, реформи да, уцени не. Бидејќи на крајот ваквата ЕУ политика на тргување со процесот на проширување може да заврши со трауматични концесии, а без полноправно членство, вели Милошоски.