СДСМ: БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ да ја повлечат одлуката за уривање на крстот на Попова Шапка


СДСМ бара од коалицијата БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ во општина Тетово да ја повлечат одлуката за уривање на верското обележје на Попова Шапка.

-Прво, затоа што на Попова Шапка станува збор за црковен имот и верско обележје (крст) во двор на манастир, а не објект.Второ, затоа што било какви провокации и дејствија може да предизвикаат тензии со сериозни последици, да подгреат раздор, верски, политички или етнички поделби меѓу граѓаните.

Сите политички чинители, пред се коалициските партии БЕСА и ДПМНЕ во Советот на општина Тетово треба да работат за доброто на сите граѓани на Тетово. За жал она што го гледаме е дека БЕСА и ДПМНЕ во Тетово со своите одлуки и сценарија сакаат да предизвикуваат штета на граѓаните, соживотот и меѓусебното разбирање.Загрижува тоа што сите штетни одлуки на Касами во Тетово се поддржани од ДПМНЕ како коалициски партнер на БЕСА.

Најважното место во Општината по градоначалникот во Тетово е секретарот, оваа позиција ја извршува Дарко Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ. Се сомневаме дека ова е дел од договорено сценарио на ДПМНЕ и БЕСА во предизборието.СДСМ заедно со граѓаните, со сите разумни и одговорни политички субјекти ќе направи се да не се дозволи сценаријата на БЕСА и ДПМНЕ во Тетово да успеат.Граѓаните ги повикуваме на смиреност, да не подлегнуваат на провокациите на БЕСА и ДПМНЕ а институциите на будност и навремена реакција во рамки на надлежностите.  Во името на сите граѓани на Тетово, соживотот и меѓусебната толеранција и почитување бараме општина Тетово и градоначалникот Касами да се воздржат од било какви понатамошни дејствија а одлуката да биде повлечена, порача пратеничката на СДСМ, Фаница Николоска.

–Фаница Николовска и СДСМ најпрво треба да престанат да се брукаат кога повикуваат на смиреност и намалување на тензиите, кога добро знаат дека токму тие ги предизвикуваат. Одлуката за уривање на крстот не е одлука на БЕСА и ВМРО, туку одлука на Општинскиот инспекторат, кој постапи по барање на коалиционен парнер на СДСМ, ДУИ. Јавноста добро памети дека нивниот парнер ДУИ уште дента кога се постави крстот реагираше како да се случило нешто најстрашно, реагираше координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Ангел Карапетров. 

Тој оцени дека нема да се отстрани крстот на Попова Шапка

-Доколку убаво го слушале раководителот на Инспекторатот кој рече дека решението ќе се спроведе кога ќе дојде на ред, односно после 5000 други нелегални објекти , меѓу кои и џамијата на Попова Шапка, ќе знаат дека такво нешто нема да се случи. Господата од СДСМ се многу бучни за крстот, но никаде ги немаше кога се градеше џамијата, токму во време кога тие бие лонче и капаче во тетовската локална власт заедно со ДУИ. Крајот им се гледа, но апелираме нервозата да си ја задржат барем во овие празнични денови, кога јавноста сака мир, сплотеност и убави мигови со своите блиски, порача Карапетров.