СДСМ бара Божиновска да поднесе оставка поради конфузните изјави за бугарскиот пасош


 

Опозициската СДСМ денеска побара министерката за енергетика Сања Божиновска да поднесе оставка затоа што даваше несоодветни изјави за бугарскиот пасош што го поседува. Особено и поради тоа што според податоците од бугарското министерство за правда бугарски пасоши имало и целото нејзино семејство. Божиновска тврдеше дека бугарски пасош зела поради „економски причини“.

„Министерката за енергетика, Сања Божиновска ја излажа јавноста. Таа со недели тврдеше дека се откажала од бугарското државјанство и пасош, за јавноста да дознае од бугарските медиуми дека не само што не е откажана, туку и целото нејзино семејство поседува бугарско државјанство.

Во Македонија е законски да се има повеќе државјанства и се отвара голема дилема, зошто Божиновска лажеше и криеше за ова“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

„Министерке Божиновска, двојното државјанство не е спротивно на закон, но криењето и лажењето на јавноста од страна на министер е спротивно на сите етички и морални принципи во политиката.

Како граѓантие ќе веруваат во вашата работа и во вашите следни изјави ако уште во првата незгодна ситуација избравте да криете наместо да ја кажете вистината?“, рече Кузеска.

Таа уште праша зошто Божиновска сѐ уште не даде одговори за долгот од еден милион евра на компанијата која таа ја водела кон МЕПСО. Божиновска „не даде одговор дали е етички друга компанија од дејноста на енергетиката која исто така била под нејзино водство да биде обвинета за ‘картелско здружување’. Последните информации кои сѐ уште не се потврдени, а СДСМ ги проверува, се дека најавената инвестиција од кинеска компанија за ветерниот парк во Штип исто така е на сомнителен начин поврзана до Божиновска и нејзините претходни бизнис партнери.

Заради сите овие скандали, јавноста нема доверба во министерката и потребно е таа да се даде оставка. Да се повлече од морални причини а сите останати сомнежи да бидат истражени од институциите“, рече Кузеска.