Савески ќе ги повлече сите обвинителски овластувања, Ристоска ќе ги изгуби предметите „Талир“

Немам одлука за иземање на Ристоска од предметите. Ќе ги повлечам сите овластувања за сите предмети, освен тие за Кочани, Ресен и Крива Паланка, најави Савески


Новиот државен јавен обвинител Ненад Севески денес на брифинг со новинарите најави дека ќе ги повлече сите овластувања на обвинителите кои водат предмети што не се од нивните матични обвинителства, меѓу кои се и тие на Ленче Ристоска за случаите „Талир 1“ и „Талир 2“, или практично предмети од кои е засегната власта бидејќи се однесуваат на перење пари и на незаконското финансирање на луксузната Бела палата од страна на ВМРО-ДПМНЕ. 

Иако не ја поврза одлуката со нив, тој не негираше дека индиректно тие случаи ќе бидат прераспределени, односно дека нема да и ги врати на Ристоска, преставувајќи ја одлуката како техничка, а не политичка.

„Не може шеф на вишо обвинителство да застапува обвинение во друго. Па или шефувај, или оди на судења застапувај. Морам да знам кој што работи и еднаш засекогаш да се стави ред во Обвинителството“, рече Савески.

Тој не знаеше колку од овластувањата што ги повлекува се однесуваат на предмети за корупција, правдајќи се дека во државното Јавно обвинителство воопшто нема евиденција кој, кои и колку предмети води, дека  овластувања за предмети давале и виши јавни обвинители и дека обвинители од едни овинителства воделе предмети дадени на други обвинителства. 

„Немам одлука за иземање на Ристоска од предметите. Ќе ги повлечам сите овластувања за сите предмети, освен тие за Кочани, Ресен и Крива Паланка“, најави Савески.

Тој најави исто така дека одлуката веќе е донесена и дека ќе ја дистрибуира во обвинителствата, нагласувајќи дека мора да има контрола на обвинителската работа во сите обвинителства. Притоа им порача на новинарите дека, ако го почитуваат, никогаш неговите одлуки не треба да ги нарекуваат политички, бидејќи не се и  бидејќи никогаш не бил член на партија.

„Ленче Ристоска може да ви е на вас најбитна, но мене не ми е. Јас не планирам да фаворизирам ниту еден обвинител. Што ми е мене воопшто битно кој е обвинет во кој било предмет“, рече Савески уверувајќи ги новинарите дека нема да работи според прозивки и повици од политички партии, дека за него сите предмети ќе бидат исти, дека нема да одговара и коментира изјави, но ќе одговара на прашања на јавноста. 

Околу обвинителите што нема да бидат иземени тој посочи како причина тоа што во Ресен и во Крива Паланка нема моментално кој да работи на предмети бидејќи нема обвинители, а дека предметот за Кочани е многу сложен и посложен од тој за полицајците , дека за него се овластени 15 обвинители, додека за вториот кој е исто така поврзан со „Пулс“, работела само една обвинителка, Ивана Алексова Трајчева, и таа веќе е сменета бидејќи, како што инсистираше, и истекол мандатот.  

И смената на Трајчева како обвинителка за предметот со обвинетите полицајци за трагедијата во дискотеката „Пулс“ тој го објаснуваше технички, како можност да им се даде шанса на други обвинители да покажат што знаат, бидејќи ако им се продолжел мандатот на неа и другите обвинители за уште пет години, како останатите воопшто ќе напредуваат во работата.

„Нема некакви обвинители. Сите се исти, секој ќе биде третиран на ист начин, сакам сите да почувствуваат дека ќе бидат вреднувани од Советот за јавни обвинители“, рече Савески оценувајќи дека прв тест за новоизбраните е да им се даде шанса воопшто. Според него, неприфатливо е јавен обвинител да се врзува со конкретен предмет  бидејќи тие се минливи, дека не треба да има лице обвинителството бидејќи е институција и дека не може да си дозволи однесување како никој да не може да ги достигне капацитетите на Трајчева ( за која патем роднините на настраданите  протестираа и бараа да биде вратена).

Иако прифати дека предметот е сензитивен за јавноста, тој  нагласи дека за него сите предмети ќе бидат исти и нема да има исклучителни. Со сличен став го објасни и своето гласање за избор на Јасмина Костеска Здравеска и покрај контроверзите околу неа, порачувајќи дека мора и некој друг покрај популарните јавни обвинители да добие шанса и да стане силен јавен обвинител. 

„Не треба да има вознемиреност дека предметите за кои е сменет обвинителот ќе застанат“, тврдеше Савевски за смената на Трајчева додавајќи дека „мандатот и е истечен и ова е легитимен законски процес“. 

На прашањето како ќе постапи со кривичните пријави поднесени од СДСМ за кои тие тврдат дека не се процесуираат (т.е. се држат воп фиока) Савески одговори најпластично – дека во Обвинителството немаат фиоки, дека немаат ни шкафови и дека нема што да отворат. Тој потоа порача дека не го интересира дали повикувањата доаѓаат од опозиција, позиција или премиер и дека Јавното обвинителство нема да постапува поради нив, туку по допрен глас, само ако утврди дека има основа. Иако немаше конкретен одговор за предметите, рече дека ако биле поднесени кривични пријави, сигурно биле заверени и по нив се постапува.

Околу вториот скандал со Ленче Ристоска, односно одлуката на Советот на јавните обвинители дека  јавните напади не се директно поврзани со конкретни дејства кои би ја загрозиле нејзината независност, Савески рече дека мислењето на случајот веќе било подготвено и тој го добил непосредно пред седницата, но го гласал и има и дополнителни аргументи во негов прилог. Главниот аргумент што го изнесе притоа е дека интегритетот сите обвинители го носат во себе, дека никој не може да им го загрози или да им го заштити и дека заштита може да побара ако и бил загрозен животот, а интегритетот секој треба да си го брани со своето однесување.

Тој уште оцени дека Советот за јавни обвинители треба да ги штити преставниците на фелата од внатрешните влијанија, во Обвинителството, а не од надвор посочувајќи дека обвинителите се носители на јавна функција и дека секоја чест на Ристоска што се бори, но дека треба да се соочуваат со јавните критики.На забелешката дека тој самиот изреагира со јавен допис на критиките во медиумите  повикувајќи го ЗНМ да ги гарантира етичките стандарди на новинарите, Савески рече дека жали што тоа било сфатено така бидејќи фокусот не му биле ни новинарите ни цензура, туку само реагирал на неточното известување дека предметот за полицајците поврзан со „Пулс“ останал без јавен обвинител по смената на Трајчевска. Според него морал да реагира,  бидејќи тоа ги вознемирило роднините, особено тврдењето дека дека две рочишта биле одложени бидејќи предметот немало кој да го застапува, иако обвинител бил обезбеден, а рочиштата не се одржале по барање на одбраната.  

Инаку, ако ѝ биде земен овој предмет на Ристоска „Талир 2“, кој за разлика од „Талир 1“ за перењето пари не е под Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), туку е под Скопското обвинителство каде што работи таа, предметот ќе претрпи голема штета, зашто е на самиот крај и вака може да претрпи застарување. Овој случај веќе имаше првостепена пресуда, при што  експремиерот Никола Груевски беше осуден на 6 години затвор, а Кирил Божиновски на условна затворска казна, но на барање токму на обвинителството застапувано пред Скопска апелација од Јове Цветановски, кому вчера Советот на јавни обвинители му ја прекина дисциплинската постапка, пресудите беа укинати и предметот беше вратен на повторно судење. Практично ако застарат и опвие предмети, ќе стави последниот клинец во случаите против ВМРО-ДПМНЕ од СЈО. Поради двете покренати обвиненија против ВМРО-ДПМНЕ и замрзнувањето на партискиот имот од околу 5 милиони евра, Ристоска долго време е изложена на навреди и  притисоци од владејачката партија и од лидерот и премиер Христијан Мицкоски, така што ваквата одлука на Савески во очите на јавноста  може да го направи соучесник, колку и да се води од техникалии.