Сателитскиот интернет „Старлинк“ наскоро ќе стане достапен и во Македонија


Сателитската интернет-услуга „Старлинк“ на компанијата „Спејс Екс“ од минатата недела е достапна во 32 земји во светот.

Според соопштението на компанијата и објавената мапа, може да се види дека „Старлинк“ сега е достапна во поголемиот дел од САД, Европа, Нов Зеланд, Канада, Австралија и Јужна Америка, пишува Мета.

Од „Спејс Екс“ велат дека услугата во овие земји ќе биде испорачана веднаш, што претставува напредок во споредба со минатото кога купувачите чекаа со месеци за да ја добијат платената услуга.

Според објавената мапа, поголемиот дел од остатокот од светот е обоен во темно сина боја, што означува дека во тие делови услугата ќе стане достапна наскоро. Меѓу овие земји е и Северна Македонија, за која пишува дека „Старлинк“ ќе стане достапен во вториот квартал од годинава, исто како и во Албанија.

Во Босна и Херцеговина сателитската интернет-услуга на „Спејс Екс“ ќе стане достапна кон крајот на годинава, додека во Србија ќе биде воведена во 2023 година.

„Старлинк“ ветува поголема брзина и помала латентност од другите сателитски провајдери. По неколку години лансирање, компанијата собра констелација од над 2.000 сателити во ниската орбита на Земјата.