Сан Франциско ќе побара задолжителна вакцинација на општинските службеници


Општинските службеници во Сан Франциско ќе бидат обврзани да се вакцинираат против коронавирусот, кога една од постојните вакцини ќе добие целосно федерално одобрување за употреба.

Мерката, што опфаќа 35.000 вработени во општина, може да биде прва од ваков вид во кој било друг град или округ во САД, објави „Сан Франциско кроникл“.

Вработените кои ќе одбијат да се вакцинираат или не се исклучок поради здравствени или религиозни причини, би можеле да бидат отпуштени, се вели во написот во весникот.

Трите моментно достапни вакцини против Ковид-19 во САД се употребуваат со вонредна дозвола на американската Агенција за контрола на храна и лекови. Тие се очекува да бидат целосно одобрени за неколку месеци, по што општинските службеници во Сан Франциско ќе имаат десет недели да бидат имунизирани.