Ратка Камчева, Сергеј Самсоненко и „Орка холдинг“ на црната листа на САД
„Нивните дејствија покажуваат како одредени елити профитираат од корупција и ги нарушуваат државните институции на сметка на граѓаните“, стои во образложението
Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, мајката на бизнисменот Орце Камчев – Ратка Камчева, како и неколку нивни компании се најновите имиња на црната листа на САД објавена во четвртокот попладнето.
Во одлуката на американското Министерство за финансии се наведува дека сите споменати лица и фирми се ставени на листата поради нивната тесна поврзаност со Јордан Камчев, кој самиот беше ставен на „црната листа” во јули годинава, како и поради нивни коруптивни и незаконски активности.
„Нивните дејствија покажуваат како одредени елити профитираат од корупција и ги нарушуваат државните институции на сметка на граѓаните на државите“, се наведува во образложението.
Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер соопшти дека „ова е предупредување до поединци кои ја злоупотребуваат својата моќ и довербата на луѓето и дека САД ќе ги повика на одговорност корумпираните актери“.
„Оваа назнака е потсетник дека соработката со одредени луѓе ќе има влијание врз вас и вашето семејство”, вели Агелер.
Во образложението на одлуката се наведуваат и серија трансакции меѓу фирми на Самсоненко и Камчев- дел поврзани и со случајот „Плацови на Водно“. Меѓу компаниите кои се опфатени со санкциите се: заедничката обложувалница на Самсоненко и Камчев „Бет Сити“, „Орка Холдинг“, „Камчев Консалтинг“, „Орка Фајнанс“ и „Систина лајф кер центер“.
Во јуни годинава, на листата санкционира од САД се најде градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко поради негова вмешаност во значајна корупција. Еден месец подоцна следуваше одлука и за Јордан Камчев. Претходно, во април 2022 година, Министерството за финансии на САД објави листа на санкционирани лица на која се најдоа поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.
Американските власти наведуваат дека Сергеј и Ирина имаат двојно државјанство – на Русија и на Северна Македонија. Помеѓу 2017 и 2018 година, двајцата купиле земјиште од Јордан Камчев. Тоа на крајот го поттикнало Самсоненко да сведочи пред македонскиот суд за време на судскиот случај „Парцелите на Водно“, во кој Орце Камчев и неговата мајка Ратка Куноска Камчева биле обвинети за перење пари. Во 2021 година, Самсоненко извршил исплати на неговата сопруга Ирина.
Во иста временска рамка, Ирина префрлила пари на „Камчев Консалтинг“ Скопје ДООЕЛ (Камчев Консалтинг) и „Орка Фајнанс“ Скопје ДООЕЛ (Орка Фајнанс), при што двете компании се поврзани со Камчева. Исто така, во истиот временски рок, парите што им беа префрлени на „Камчев Консалтинг“ и „Орка Фајнанс“ биле искористени за плаќање на заем поврзан со „Орка Холдинг“ АД, компанија поврзана со Јордан Камчев. Дополнително, Сергеј и Ирина Самсоненко ја купиле фирмата „Систина Лајф Кеар Сентр“ Скопје, друг субјект вмешан во судскиот процес „Парцели на Водоно“, од Камчев и Камчева. Во образложението се наведува дека и спортската обложувалница „Бет Сити Интернационал“ половина е во сопственост на Самсоненко, а половина сопственост на Орка Холдинг, чиј директор е Јордан Камчев.
Од Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерство за финансии образложуваат дека со извршната наредба (E.O.) 14033 се означени не само трите лица, туку и компаниите „Систина Лајф Кеар Сентр“, „Орка Холдинг“ и „Бет Сити“.
На листата која во четвртокот ја објави американското Mинистерство за финансии се најдоа и голем број лица од други држави од регионот на Западниот Балкан кои се осомничени за корупција и соработка со Русија.
Меѓу другите личности и ентитети од останатите земји на Западен Балкан на листата се впишани и Саво Цвијетиновиќ, Петар Џокиќ и Душко Перовиќ од Босна и Херцеговина; Миодраг Давидовиќ и Бранислав Миќуновиќ од Црна Гора; Миша Вациќ од Србија, заедно со Ненад Поповиќ и холдинзи во Србија што се поврзани со руски капитал.