Само МВР објавило годишен извештај за работењето


Отчетноста и проактивноста на властите значително се подобрени, се оценува во  Националниот монитор за реформи во јавната администрација 2019/2020 објавен од Институтот за европска политика – ЕПИ.  Според него, се зголемува процентот на граѓани кои сметаат дека имаат можност да го изнесат своето мислење за квалитетот на услугите преку административните канали, иако сметаат дека овие канали не се лесни за користење.

Кога станува збор за повратни информации од граѓаните, 60 отсто од анкетираните граѓани велат дека администрацијата побарала предлози од нив за тоа како да се подобрат административните услуги и ги искористила повратните информации кои им ги дале. Исто така, сé повеќе граѓани се информирани и знаат како да ги користат е-услугите и сметаат дека администрацијата се движи кон дигитална влада.

Новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, суштински ги подобри правните основи за спроведување на ова право. Наодите од овој циклус на мониторинг исто така упатуваат на подобрување на проактивното информирање на јавноста. Пет од вкупно седум институции што биле предмет на мониторинг имаат лесно достапни информации, лесни за користење од страна на граѓаните за нивните надлежности. Забелешки има во однос на тоа што истите институции не наведуваат пред кого се одговорни.

Мнозинството на граѓански организации пак не веруваат дека властите евидентираат достаточни информации, кои на јавноста и овозможуваат да го спроведе правото на слободен пристап до информации.Сепак, охрабрува што може да се види дека најголем дел од анкетираните граѓански организации изјавиле дека информациите од јавен карактер се дадени во бараниот формат, бесплатно и во пропишаните рокови.

Најголем дел од институциите објавуваат документи во однос на политиките во нивна надлежност, но само Министерството за внатрешни работи го објавило годишниот извештај за неговото работење. МВР исто така е единствената институција која ги има објавени финансискиот извештај за 2019 година и финансискиот план за 2020 година.
Ниту еден од буџетите објавени од институциите во примерокот за мониторинг не се во формат кој овозможува нивно лесно користење од страна на граѓаните.

Она што е позитивно е што Министерството за финансии започнало да го објавува годишниот државен буџет, како Граѓански буџет. Оттаму најзначајната промена во споредба со претходниот циклус на мониторинг е новосоздадениот Граѓански буџет. Апликацијата нуди преглед на буџетот преку интерактивен интерфејс создаден за граѓаните. Ново отворениот портал Отворени финансии, интернет страницата за јавен долг и интернет страницата за финансиска транспарентност во однос на кризата со КОВИД-19 овозможуваат детален увид во информациите поврзани со буџетските трансакции, плаќањата, трендовите со јавниот долг и јавните набавки.

Сепак, кога станува збор за консултации со граѓанското општество, процесот не беше толку транспарентен и отворен, се вели во извештајот. Нема воспоставена пракса на изготвување на записници од процесот на консултации и на засегнатите страни не им се даваат повратни информации за тоа дали нивните коментари и забелешки биле земени предвид. Стратегија за развој на јавната администрација не предвидува вклучување на граѓанското општество во структурите за координација и надзор, стои во извештајот.