Само 500 службени возила добиле таблички во друга боја
Институциите да го рациланизираат бројот на возила кои ги користат, да ги брендираат со службени регистарски таблички, само оние кои ги користат, а другите да ги продадат и да ги расходуваат.
– До денешниот пресек имаме околу 500 брендирани возила, односно возила коишто добиле специјални таблички. Има и голем број возила коишто се веќе во процедура. Ќе оставиме уште две недели да направиме краен пресек – рече денеска дирекоторот на Службата за општи и заеднички работи при Владата, Ивица Томовски.
Томовски денеска ја посети општина Гази Баба, каде направи преглед на работата на постапката за обединување на службените возила во владение на општината. Оваа општина е една од првите која ги заменила регистарските таблички. Воедно, сите скопски општини се во постапка за промена на табличките како и другите градови Велес, Кавадарци, Штип.
Денеска ќе биде објавен и телефонскиот број за граѓаните ќе може да пријавуваат можни злоупотреби, а СОЗР ќе ги препраќа тие пријави до институциите.
– Денеска од страна на владината сужба ќе биде јавно објавен телефонскиот број и меил адреса кадешто граѓаните ќе можат да пријавуваат злоупотреби на службените возила. Тие можат да пратат информација до Службата за општи и заеднички работи па после тоа ние да испраќаме до сите оние институции кои го направиле тој прекршок па раководителите на тие институции ќе може да пристапат со дициплински постапки или други постапки кои прозлегуваат од закониските и подзаконските норми на државата – рече Томовски, одговарајќи на новинарски прашања.
Ги замоли институциите да ги рационализираат возилата, сите оние кои се нефункционални да ги расходуваат.
– Ние како владина служба од 220 возила коишто ги имаме во наша сопственост, во моментов имаме обележано 50 возила, можеби ќе обележиме уште 10 возила со специјални таблици, а со другите ќе пристапиме кон нивна продажба и расходување со цел да ги заштедиме трошоците во државата.
Вкупниот број на возила брои околу 7.500 возила, за кои Томовски признава дека уште немаат точна бројка, а тука спаѓаат сите возила и на МВР, АРМ, АНБ, сите возила на брзата помош.
Според Томовски, околу 1.500 до 2.000 возила се потребни за државната администрација да функционира, па затоа повикува службите да направат рационализација, за да не стојат повеќе на паркизни и плацеви.